Во Виена беше презентиран извештајот кој ги анализира тековите и жариштата на организираниот криминал на Балканот. Во овој извештај за Македонија се потенцира дека некои криминални групи во Македонија уживаат политичка заштита.

Во Скопје, Велес, Штип и Кочани се посочени како главни центри според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

Главните криминални групи во Скопје се контролирани од етнички Албанци. Најчестите форми на организиран криминал се трговија со дрога, кражба на возила, шверцување мигранти, како и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, како и можност за перење пари, велат оттаму.

Криминалните групи кои оперираат во регионот се од селата Арачиново, Кондово и Грчец и уживаат политичка заштита, потенцира организацијата во извештајот.

Велес е посочен како една од главните крстосници на трговијата со дрога на Балканот, која преку Македонија транзитира кон западна Европа и канабисот од Албанија кој се пренесува во Грција и Турција. Размената на хероин за канабис меѓу криминални групи од Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Грција.

Интересно, официјалниот број на запленета дрога е многу низок, како што е ниска и стапката на криминал. Тоа сугерира степен на дослух или бенигно занемарување од страна на полицијата и политичарите, заклучува извештајот.

Не случајно, се наведува понатаму, во Велес се роди т.н. Франкфуртска мафија – еден од најголемите шверцерски прстени во Германија, и трговија со хероин во Виена.

Во своето ’златно време’, неколку стотици млади луѓе од Велес (најчесто со бугарски пасоши) продаваа дрога на улиците во Австрија и Германија. Дел од профитот од овие илегални активности најверојатно беа ‘испрани’ во велешките дискотеки, кафулиња, ресторани, како и во туризмот, хотелиерството и обложувалници, се наведува во Извештајот.

Штип, како трет на листата на жешки точки, има директна поврзаност со Велес, а притоа е сместен на главната хероинска рута.

Штип е сместен на коридор на поли-криминална активност, во најголем дел контролирана од етнички Македонци. Илегалната активност вклучува трговија со дрога, шверц на цигари, како и рекет и изнуда преку приватни компании за обезбедување, пишува во Извештајот.

И Кочани ја дели судбината на Штип во однос на местоположбата, и од овој град најчесто се шверцуваат цигари и канабис.

Се верува дека групи од Кочани имаат блиски врски со криминални групи од Бугарија. Се смета дека пред неколку години, криминалните групи таму оперираа толку слободно што криминалните ‘босови’ формираа ‘агенции за обезбедување’ кои им наметнаа ‘данок’ на сите продавници во градот, кој изнесуваше меѓу 30 и 50 евра месечно. На оние кои одбиваа да платат им беа запалени возилата, а продавниците демолирани. Заканата од нив беше намалена по акцијата Детонатор на македонската полиција во 2012 година, се вели во Извештајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.