Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници влегоа во собраниска процедура. Тие, освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори, кои според најавите и на власта и на опозицијата, треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но и реакции од оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.

Предлог измените вчера се најдоа и на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, но не беше утврден ниту дневниот ред поради тоа што пристигнале над 500 амандмани и материјалите требало да се средат.

Претседателката на Комисијата Соња Мираковска за МИА изјави дека за измените се поднесени 500 амандмани. Главна  причина да се прекине работата на Комисијата, како што рече, биле поднесените амандмани и потребата да се средат материјалите, но и да се остави повеќе простор за изјаснување на пратениците по упатените забелешки.

Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува тие да бидат донесени до крајот на месецот, пред летната пауза на Собранието Тој смета дека предлогот кој влезе во Собранието е добар, но како што истакна, може да претрпи измени во собраниската процедура.

Според министерот Маричиќ, долго се работело на текстот на измените на Изборниот законик, се преговарало на повеќе нивоа, по што се дошло до овој компромисен предлог, во кој се содржани отворените листи. Се разговарало во работна групи во Министерството за правда со сите засегнати страни, подоцна бил дискутиран на ниво на четирите најголеми политички партии, коишто имаат претставници во ДИК, а во наредната фаза се разговарало и со партиите коишто немаат членови во ДИК, а имаат пратеници во Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.