Измените и дополнувањата на Изборниот законик со кој се предвидува воведување на една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии утре се на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање, но засега нема консензус за нивното усвојување.

Иницијатори на Предлог законот се Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсоски, Љупчо Балкоски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин, Мирослав Богдановски.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократски сојуз смета дека процесот на услогласување долго траел речиси една година и очекува Предлог законот да помине на Комисијата, бидејќи текстот е целосно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ даде начелна согласност, но тој сепак не исклучува и блокада. Законот потоа треба да оди на пленарна седница на која се очекува да се донесе одлука за одржување на јавна дискусија по повод измените на Изборниот закон, во која може да се вклучат сите засегнати субјекти – парламентарните партии, вонпарламентарните, НВО, експерти, медиумите… Телото што ќе ја следи јавната дискусија ќе подготви извештај до Парламентот и можно е преку оваа јавна расправа да се иницираат амандмански промени.

Гледано според јавните изјави повеќе од 90 пратеници ги поддржуват промените, Македонија да биде една изборна единица, пропорционален модел и пресметката за пратеници да се одвива преку Д’Онтовиот модел. Така што можно е да се донесе, не викам не, но можно е некој да го блокира законот. Дали ќе се одлучат да го блокираат законот некои од партиите, ДУИ или некоја друга партија, но тоа што бараа меѓупартиска соработка, разговори, сето тоа може да се одвива во Парламентот, да ги видиме аргументите кои се за и против. Очекувам повеќето пратеници да бидат за донесување на измените на овој Изборен законик, вели Трајанов.

Според него, ДУИ и други партии од албанскиот блок веќе го прекршиле принципот на соодветна етничка застапеност или за некои прашања да се гради консензус, посочувајќи на последниот избор на Влада.

Ако може да помине Влада на овој начин мислам дека изборниот закон уште полесно може да помине со мнозинство над две третини од пратениците. Инаку ние никогаш нема да имаме консензус сите партии, затоа што досега праксата покажа дека постојано се договараат поголемите партии, вели Трајанов, оценувајќи дека ако било која партија го блокира носењето на овој закон, можно е другите партии да блокираат носење на други закони, а тоа ќе значи блокада на Парламентот и предизвикување услови за вонредни парламентарни услови.

Арбер Адеми од ДУИ во изјава за медиумите во Собранието го повтори партискиот став дека за измени на вакви значајни, важни законски решенија, потребен е поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус, и оти не се за промена на постојниот изборен модел со шест изборни единици.

Кога се работи за изборниот модел и Изборниот законик треба да потврдам дека не постои усогласеност околу овој предлог закон. Пак ќе повториме дека треба сите политички партии да седнат, да разговараат за сите прашања за кои постои интерес помеѓу различните политички партии. Настојуваме дека изборниот модел треба да ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество и мислиме дека постоечкиот модел со шест изборни едници тоа најдобро го отсликува, вели Адеми, посочувајќи дека ќе настојуваат да продолжат со преговори, а одлуките за Изборниот законик да се носат врз основа на аргументите.

Запрашан што доколку СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и помалите парламентарни партии постигнат двотретинско мнозинство за усвојување на измените за една изборна единица, Адеми посочи дека тие инсистираат на негово носење со поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус.

– Ние имавме можност лани, во август месец, каде што една политичка партија, односно еден пратеник го блокраше донесувањето на Изборниот законик пред Локалните избори, иако постоеше договор помеѓу најголемите политички партии. Не сакаме да ја доведеме ситуацијата на ова ниво, но секако сме подготвени да дискутираме за сите прашања за кои постои интерес и врз основа на аргументи да одлучиме како политички партии. Мислиме дека овој изборен модел резултираше после конфликтот од 2001 година. За првпат се имплементираше во 2002 година и врз основа на аргументите се донесе вакво законско решение. Така што настојуваме уште еднаш да постои поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус за каква било измена поврзана со изборниот законик, рече Адеми.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори.

– Ние како најголема опозициска партија излеговме во пресрет на малите партии во врска со нивните барања. Измените на Изборниот законик треба да имаат една цел, а тоа е да го засилат плурализмот, демократскиот процес во Република Македонија и на тој начин да се изгради и да се изнајде систем за најдобро да се изрази волјата на граѓаните. Во таа насока сме отворени да разговараме. Добро е што стигна овде во Собрание. Потребен е навистина консензус да се случат оние измени кои се потребни за конечно во Македонија да добиеме она што ни е најпотребно за да се спасиме од кризата, а тоа е брзи предвремени избори. Во таа насока спремни сме да разговараме како на најдобар начин да се одрази и да се прелее народната волја овде во Собрание за конечно да добиеме една легитимна и народна власт која што ќе се грижи онака како што треба и за здравството, и за економијата и за сите аспекти на општествениот живот, рече пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашан дали е можно без албанските партии да се изгласа овој закон, Лефков вели, сосема е легитимно партиите да водат сметка за своите сопствени интереси, да ги искажуваат во бројки изразени во мандати, но доаѓаат моменти кога треба да се грижат пред се, за државните интереси.

– Ако ја земеме предвид ситуацијата во која се наоѓа Македонија, потребно е  да застанеме за момент, да покажеме една резерва за партиските интереси и пред се да ги ставиме државните интереси. Затоа од овде доаѓа поддршката за малите партии, рече Лефков.

Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што, територијата на државата е поделена на шест изборни единици (во секоја од нив се избираат по 20 пратеници), а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.

Со измените на Изборниот законик, како што се наведува во образложението на текстот на законот, целата државна територија би се обликувала во една изборна единица со отсуство на изборен праг, овозможувајќи им и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, да го остварат своето право на претставување. Во актуелната поставеност на системот, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив, тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник.

Предлог измените се поднесени пред една година. ДУИ и Алијанса на Албанците се изјаснија против ваквото решение, а СДСМ даде начелна согласност за предлог законот, но се заложи за негово усвојување со консензус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.