Сите кои тргнаа кон Грција се враќаат назад, откако рампите на граничниот премин останаа спуштени. Грчката полиција не дозволи влез на оние кои немаат грчки пасош. Службениците не знаат кога ќе добијат одобрение од Атина за влез на странци, а предвидуваат дека тоа ќе биде ноќеска на полноќ или утре изутрина. На границата имаше возила со македонски, српски, бугарски таблички кои чекаа во колона.

Ни кажаа дека нема да добијат одобрение пред полноќ, затоа се вративме назад, вели граѓанин кој утрово се обидел да ја премине грчката граница. пишува Макфакс

Освен оваа информација, грчките гранични службеници одбиваат да одговараат на други прашања. Велат дека ги известиле нивните власти и чекаат насоки и инструкции од таму.

Инаку министерот за надворешни работи, Бујар Османи потврди дека  е потребна формална одлука од Владата на Грција за отворање на границата со Македонија.

Прашање на време е кога ќе се состане грчката Влада за да ја донесе одлуката – вели Османи.

Сепак треба формална одлука на грчката Влада. Намерата да се отвори границата е пренесена од премиерот на нашиот премиер, но мора формално да има одлука на грчката Влада за да тоа се случи. Таква одлука се уште нема. Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и после тоа да можат да поминуваат граѓаните. Ги повикувам уште еднаш граѓаните да се информираат преку соопштенија на МНР по однос на моментот кога ќе се донесе таа одлука – вели Османи на новинарско прашање за македонските граѓани кои се заглавени на граничниот премин Евзони.

Премиерот Зоран Заев вчера на својот Фејсбук профил објави дека од грчкиот колега Киријакос Мицотакис на средбата во Атина бил информиран дека граничниот премин „Евзони“ кон Грција од денеска се отвора за сите граѓани на Република  Македонија, кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела.

Од дежурната служба на ГП Богородица потврдија дека утрово функционираат нормално во очекување на поголемо сообраќајно раздвижување на патници и туристи, но граничниот премин Евзони на грчка страна, и покрај најавите, се уште не е отворен. На граничниот премин „Богородица“ утрово се створија колони. Граѓаните беа затечени од одлуката на граничната полиција на Грција, која одби да ги пропушти за влез во земјата. Македонската полиција ги пропушташе возилата и во меѓузоната, но сега, сите се враќаат назад.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.