На денешното подготвително рочиште за тужбата во која Вице Заев го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски за навреда и клевета, братот на премиерот не дојде. Тој беше застапуван од неговиот роднина и адвокат, Горан Заев, додека Николовски се застапуваше сам.

Вице Заев го тужи Николовски за изјава дадена на гостување во „Отворено студио“ на „1ТВ“ во која потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјавил дека „ не се про-НАТО и про-ЕУ вредности наместени тендери и бизниси за членови на фамилијата на премиерот„ и дека „братот на премиерот станува главен бизнис фактор во државата“.

Заев во тужбата навел дека е чесен човек и успешен бизнисмен со висок углед во средината во која живее и работи и дека: „ваквите изјави кај него резултирале со чувство на вознемиреност, напнатост и намалено расположение, пропратено со вегетативна симптоматологија, потење и црвенило на лице кое нешто предизвикало силна душевна болка кај него“.

Вице Заев ме тужи за нарушен чест и углед. Како што видовте во судницата, тој денеска не се појави на подготвителното рочиште, туку испрати адвокат. Јас решив да се бранам сам затоа што сметам дека немма потреба од адвокати и правна помош затоа што тужбата е класичен нон сенс и е исклучително политички притисок. Во интерес на јавноста, Вице Заев ме тужи затоа што сум кажал дека про-НАТО и про-ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на фамилијата и братот на премиерот кој што станува главен бизнис фактор во државата во телефонско јавување на еден медиуми, истакна Николоски по завршувањето на рочиштето.

Всушност, пораката на главниот бизнис фактор во државава е до сите бизнисмени во државава да рзмислат дека ако може тој да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на опозицијата, што може да им се случи нив. Јас верувам во правниот систем на државата и на следното рочиште ќе ги видите и доказите кои што ги имам приложено, а соодветно на тоа очекувам судот да го отфрли ова тужбено барање, додаде Николоски.

Судијката Кети Германова од Основен суд Скопје 2 го закажа следното рочиште на 26 февруари во 12.30 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.