За актуелните случувања поврзани со СЈО, случајот „Рекет“, заканите кон новинарите, најавениот економски бум, предвремените избори разговараме со Владимир Нелоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Работата на СЈО е компромитирана од самиот почеток кога се постави како алатка за притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и како алатка за изнудување на средства од бизнисмени. За рекетарската спрега во која освен малите риби кои се во притвор се вмешани и многу блиски луѓе на Зоран Заев и моќници од власта, доказ е начинот на кој се води оваа постапка – крајната дестинација на истрагата да не биде „Илинденска“ бб, каде што се наоѓа главата на овој криминален октопод, смета Нелоски. 

Заврши мандатот на СЈО, продолжија рочиштата. Вчерашното сведочење на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски го менува текот на настаните кои ги одбележаа изминативе пет години откако Зоран Заев почна да емитува т.н. „бомби“ за „Вистината за Македонија“. Оној кој важеше за мозок на операцијата всушност потврди дека вистината била лага, прислушуваните разговори сечени – лепени – монтирани, индициите за евентуални криминали на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ компромитирани, постоењето на СЈО беспредметно. ВМРО-ДПМНЕ засега нема официјален став. Кој е вашиот став?

Нелоски: Работата на СЈО е компромитирана уште од самиот почеток кога видовме дека има очиглегна нееднаквост и селективност во спроведување на правдата, случувањата во изминатиот период потврдија дека работењето на СЈО како институција е беспредметно и во функција на власта за да се прави притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и како алатка за изнудување на средства од бизнисмени и сопственици на компании во Македонија. Изјавата на Верушевски е последниот клинец во ковчегот на СЈО, институција која не ги оправда очекувањата и остави најцрна дамка во историјата  на правосудството.

Мислите дека не само пратениците, новинарите и медиумите туку многумина – бизнисмени, аналитичари, службеници, административци, граѓани се под притисок?

Нелоски: За рекетарската спрега во која освен „малите риби” кои се во притвор се вмешани и многу блиски луѓе на Зоран Заев и моќници од власта, доказ е начинот на кој се води оваа постапка – крајната дестинација на истрагата да не биде „Илинденска“ бб, каде што се наоѓа главата на овој криминален октопод. Во таа ситуација кога се фатени живи во криминал до гуша, заканите се очајнички обид на моќниците од власта да го покријат овој огромен скандал. Да потсетиме и дека двајца високи функционери кои се споменуваа под псевдоними веќе Заев ги смени од раководните позиции во својата партија, што отвора уште поголем сомнеж. На нивно разочарување тие закани повеќе не поминуваат и сѐ повеќе луѓе ни приоѓаат и ги потврдуваат гласините дека и тие биле уценувани за огромни суми пари за да нема за нив обвинение или да „средат кај шефот“ да има повеќе милост кон нив.

Министри, пратеници, премиерот Зоран Заев – упатија директни закани до медиумите за објавен текст од исказот на сведокот во случајот „Рекет“. Се ветуваше слобода за медиумите. Дали според вас ова значи слобода на медиумите?! Факт дека години наназад многу работи во медиумите не се средени, се прават обиди за контрола врз медиумите и новинарите, притисоци… ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори и претендира за преземање на власта. Што сметате дека треба да се преземе во овој сектор?

Нелоски: Актуелната власт, за жал, како и во многу други сегменти од владеењето, не ги исполни ветувањата дадени за таканаречената слобода на медиумите. Затоа денес се наоѓаме во ситуација во која новинарите кои се неподобни ги нарекуваат сејачи на лажни вести, иако имаме евидентни примери како провладини медиуми шират невистини, за што власта молчи. Да не заборавиме и дека Заев го ограничи просторот за медиумите да поставуваат прашања, не повеќе од 10, на неговите прес-конференции. Нејасно е како ќе ја постигнеме таа фамозна транспарентност ако не можат сите прашања да дојдат на ред, а дополнително и кога на сето ова ќе ги додадеме директните закани на функционери за тужби кон професионални новинари. Слободата на медиумите ќе почека да го види денот кога ќе постои вистинска слобода за пишаниот збор.

Случај „Рекет“ – Катица Јанева е во притвор. Дали мислите дека правдата е задоволена? Верувате ли дека таа ја жртвувала својата позиција за мебел од 5.000 евра кога во меѓувреме се во јавноста излегуваат на виделина и месечните примања и бонусите и другите привилегии што ги уживала Јанева извршувајќи високоодговорна функција? Верувате ли дека е жртва напријателството со Боки 13?

Нелоски: Правдата ќе биде задоволена во моментот кога сите инволвирани во случајот ќе се соочат со лицето на правдата. Со оглед на околностите и спрегата Заев-Рускоска-Кацарска лично не верувам дека тоа сепак ќе се случи. Сметам дека во приказните: „Не се познавам со обвинетиот, се имам сретнато во една прилика“, „Инструменталката која му ја свирам на фотографијата направена во кафеана на кејот на Вардар не е доказ за вмешаност“, „Катица Јанева ја искористила положбата и се стекнала со двосед или тросед (колку и да чини тој)“, и сите други небулози и противречности кои ги слушнавме периодов, не веруваат ниту во СДСМ, освен можеби нивниот портпарол, кој, за жал, е единствениот кој верува во сите овие научнофантасични теории на заговор на Зоран Заев, на кои и Стивен Спилберг би позавидел.

Според Заев ова е економска година. Се согласувате?

Нелоски: Во година кога реализацијата на капиталните инвестиции е  на многу ниско ниво, година во која јавниот долг се зголемува за непродуктивни трошоци  и кога изминатава недела како едни од првите проекти на новата министерка ги имавме новото задолжување 61,7 милиони евра и кратењето на капиталните инвестиции за 50 милиони евра, може да биде економска година најверојатно само за фамилијата Заеви на кои бизнисот и тоа како им цвета! СДСМ како и во минатото така и сега на темата економија  имаат посветено најмалку внимание, пристапот е ист само слоганите се различни, „еден вработен во секое семејство” стана “живот за сите”. Впрочем доволно е да се види оценката од германските бизнисмени и сè ќе ни стане јасно, кои нормално ни дадоа огромна 0.

Метлата на Заев замете, донесе некои нов имиња. Јавноста ја пречека на нож одлуката на Заев министерка за финансии да биде Нина Ангеловска. Го одобри веќе изготвениот ребаланс на буџетот, потпиша ново задолжување. Лош избор или продолжена рака?

Нелоски: Најавуваната метла како и многу други работи ветувани од Владата излегоа како и се останато само едно големо разочарување за граѓаните. Од очекуваниот длабок рез и раскрстување со корупцијата добивме смена на неколку директори од помали институции, а во однос на Министерството за финансии, како млад човек мора да истакнам дека гледам позитивно на вклучување на млади луѓе во важни алки од државниот апарат, младите можат и треба да бидат движечката сила. Она што на самиот старт ме разочара во однос на новата министерка е што го “одобри” заевиот ребаланс на буџетот без ниедна забелешка под оправдување дека беше веќе изготвен. Тоа доволно покажува дека новата министерка како млад човек нема да знае да му каже не на огормниот “апетит за непродуктивност” на Заев како премиер. Со донесувањето на ребалансот младата министерка дополнително за жал скрати 90 милиони денари за изградба и реконструкција на основни и средни училишта и 125 милиони денари за реконструкција и изградба на ученички и студентски домови, да заклучам ако утрото по денот се познава – младите наместо борец за нивните интереси и иднина, добија министер апологет на Зоран Заев.

Сметате ли дека Македонија може да добие датум за преговори наесен?

Нелоски: Се надевам дека македонските граѓани нема да бидат казнети поради неодговорната политика на Зоран Заев и големиот број на скандали на оваа власт. Во таа насока и како ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период лобиравме кај сестринските партии од ЕПП и навистина мислам дека Република Македонија заслужува датум за преговори уште пред 10 години. Во моментов, сепак не смееме да ги занемариме огромните коруптивни скандали произлезени од Владата, кои сепак да се надеваме дека нема да влијаат и да им нанесат штета на сите граѓани.

Кои се најголемите грешки на владата, а кои на опозицијата откако Заев ја презеде власта?

Нелоски: Најголемата грешка на оваа Влада покрај се што се случи изминатите 3 години е тоа што ја уништија надежта и духот на македонските граѓани и завладеа апатија, а воедно и тоа што не го остварија ветувањето дека ќе ги задржат младите во државата, кои како никогаш досега на дневна основа ја напуштаат Македонија разочарани од целокупниот систем на државата и беспесперктивноста која Заев ја донесе со доаѓањето на власт. Македонија е празна. Стотици граѓани секој ден си заминуваат од земјата.

Во однос на опозицијата можеби една од работите која ни ја пососчуваат дел од граѓаните е дека е потребна поголема агресивност од наша страна, во однос на ова сметам дека треба да имаме предвид каде како ВМРО ДПМНЕ бевме пред 3 години а каде сме сега, и на крај ова е битка за која е потребно трпеливост и истрајност кои ќе бидат клучни за потврда на победата над заевизмот во Македонија.

Потребни ли ѝ се предвремени избори на Македонија? Подготвено ли е ВМРО-ДПМНЕ за такви избори?

Нелоски: ВМРО ДПМНЕ како најголема опозициона партија секогаш е подготвена за избори, како што што го покажавме и на претседателските избори. Во однос на потребата од предвремени парламентарни избори не треба ние политичарите да го даваме нашето мислење, запрашајте го секој млад човек, земјоделец, новинар, здравствен работни, претприемач, сопстевник на мал бизнис  итн. дали се живее подобро и побезбедно од пред 3 години и ќе ви го даде одговорот. На Македонија не ѝ се потребни само предвремени избори, на Македонија и е потребна обнова и тоа уште утре!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.