Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Куманово, каде што од раководството бил запознаен со активностите кои се преземаат на територијата на Куманово, а се насочени кон справување и превенција со коронавирусот.

Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина лицето И.С. вработен во Министерството за внатрешни работи како полициски службеник на граничниот премин Белановце. Според информациите кои во текот на вчерашното попладне ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот. Во оваа прилика сакам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам најдлабоко сочувство за загубата пред сè до неговото семејството, а истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело, сите ние во Министерството за внатрешни работи изгубивме почитуван колега, пријател и вработен кој несебично даваше активен придонес во справување со секојдневните предизвици меѓу кои и предизвиците поврзани со ширењето на коронавирусот. Полициската работа бара надчовечки напори, исклучителност и пожртвуваност во извршување на работните обврски. Тоа посебно е изразено и важно во вакви времиња кога државата и граѓаните секојдневно се соочени со предизвикот да го заштитат својот живот и животот на своите најблиски, а токму полициските службеници се тие кои по медицинскиот персонал имаат најголема одговорност, напиша министерот Чулев на својот Фејсбук профил.

Токму затоа, додава тој, во изминатиот период во скоро секое мое обраќање во јавноста апелирав до граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања, а како министер за внатрешни работи ги преземав сите неопходно мерки и активности за обезбедување соодветна опрема и заштита на полициските службеници, но и сите останати вработени во Министерството за внатрешни работа.

Основна задача и прироритет на Министерството за внатрешни работи во овој период е заштита на животот и здравјето на граѓаните, а имајќи ги предвид последните податоци кои покажуваат зголемен број на лица кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, но и бројката на починати лица сакам да нагласам дека како министер за внатрешни работи инсистирам полициските службеници да постапуваат поригорозно во преземањето на активностите со кои го гарантираат соодветното спроведување на мерките и одлуките на Владата, а со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме нашата заложба дека здравјето и животот на граѓаните се најважни, пишува министерот Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.