На денешната седница на Советот на јавните обвинители беа избрани петмина обвинители во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Поточно, на обвинителството, каде што е шефица Вилма Русковска, ќе му се приклучат обвинителите кои и досега беа дел од ова обвинителство, но мандатот им заврши во февруари: Марија Ѓорѓева, Валентина Беслимовска, Енѓелуше Кадриу -Леши, Ивана Трајчева, Сузана Мирческа-Кузмановска – добија нов мандат од 4 години.

Пред да биде направен изборот, претседателот на Советот, Антонио Јолевски, ги прочита и бодовите кои ги добиле кандидатите: Арсим Адеми -25 бода, Елизабета Јосифовска -24 бода, Марија Ѓоргева -24 бода, Валентина Беслимовска -18 бода, Енѓулуше Кадриу–Леши -24, бода, Ивана Трајчева -25 бода, Сузана Мирческа-Кузмановска -18 бода, Имра Османи – негативна оценка, Наташа Сарамандова -25 бода и Златко Биковски -25 бода.

Првото оценување на обвинителите кои доаѓаат од Организиран беше надвор од критериумите. При второто оценување пак за сите беше даден ист коментар, а различни бодови, истакна претседателот Антонио Јолевски.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески истакна дека ќе ги поддржи досегашните обвинители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на кои им истече мандатот. Тој истакна дека тие работеле на многу сложени предмети и нивен неизбор би значело пролонгирање на предметите. Појасни и дека овие обвинители посетувале многу обуки.

Инвестирано е во нивната подготвеност за постапување по предмети од организиран криминал, истакна Јовески.

Кандидатот Арсим Адеми не ја добии поддршката од советот, кој во јавноста стана познат откако се спогоди со Зоран Милевски Кичеец, односно даде согласнос Кичеец да лежи 6 месеци затвор за сообраќајката кај Стража, во која загина едно лице.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.