Јас дадов предлог опозицијата да предложи свој канидат за јавен обвинител низ постапката опишана во закон и Парламентот да го избере, само за да го поддржат Законот за јавно обинителство, но тоа не се случи. Сега веќе тоа не важи, затоа што Законот е веќе донесен тој беше важен за евроинтегративниот процес. ВМРО-ДПМНЕ не се согласи на тој предлог кој беше даден низ разговорите кои беа гарантирани и од страна на ЕУ – изјави вечерва Зоран Заев во интервју на Канал 5.

Тој додаде дека сега за разлика од претходно законот важи за сите подеднакво, а како пример ги наведе и пресудите и предметите и истрагите што се водат против функционери на СДСМ, на ДУИ и на други политички партии.

Законите ги донесовме, Законот за јавно обвинителство, Законот за судски совет, Законот за судовите и останатите европски закони, од пакетот 3-6-9, потоа од Планот 18 и очекувам сите претседатели на судовите да направат организација и план за работа. Можат да работат со позачестени рокови, да не застаруваат предметите. Законот за судски совет ги дава сите алатки за прочистување на судството во делот на ефикасноста, во делот на правичноста – подвлече Заев, потенцирајќи дека многу лесно може да се види кој не работи од судиите и така да се прочисти судството и тие што работат чесно да останат посветено и чесно да работат.

Премиерот рече дека како политичар не може да дава коментари за судството, со цел да не се меша во независноста на судиите, но, додаде дека тој може да коментира оти најавеното прочистување на правосудството има потенцијал и дека може да се види и преку процесите кои започнаа против некои судии и дека тоа се охрабрувачки сигнали што ветуваат.

Прашан околу коалицијата со Демократската унија за интеграција (ДУИ), Заев рече дека повторување на изборите не е добро за државата.

Ќе се повторат исто гласовите и што правиме? Само времето да го трошиме, плус корона? Малцинската влада не гарантира стабилност, ни економија, ни предвидливост на домаќинствата и слично. Секако, на крајот почитта кон гласот на граѓаните. Во демократијата – Заев кажал што мисли, Ахмети кажал што мисли, граѓаните буквално ни даваат наредби преку својот глас и тие кажуваат во кој правец треба да се движиме. Секако, разговаравме за многу наши предности и слабости коишто ги имаме како партнери. Зборувавме за сите успеси коишто сме ги постигнале, зборувавме многу и за неуспесите, односно слабостите на Владата коишто ги видовме, народот ни ги препозна. Не критикуваше. Губевме поени политички, а на крајот тоа се гласови коишто ги изгубивме на изборите. И во едни такви околности секако зборувавме многу за отстранување на тие слабости не само кај ДУИ, туку и кај нас кај што постојат заради тоа што на крајот така сме и подобри слуги на граѓаните, ќе им служиме на граѓаните подобро ако ги послушаме – наведе Заев.

Тој рече дека времето ќе покаже и оти тој е секогаш транспаретен.

Но, дефинитивно секој политичар прво тоа што го прави за себе и за својата партија, а и за својата татковина. На крајот сите имаме и награди и одговорности од ова, дали ќе не гласат пак и дали ќе не казнат. Ние сме граѓанско општество. Конечно немам внатре во нашата Владина програма права на овие, права на оние. Не, имаме права и обврски на граѓаните и насоченост на сервис на Владата кон граѓаните. И тоа е една голема придобивка – истакна Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.