Голем дел од жителите на Свети Николе се во карантин, откако бројот на заболени од корона значително порасна. Според статистиката, во текот на вчерашниот ден се регистрирани 24 нови случаи на заразени од корона. Со тоа до вчера напладне бројот на заразени од Ковид-1 во градот се искачи на 103 лица. За потсетување, Ресен и Свети Николе долго време беа градови во кои воопшто немаше регистриран број на заболени лица.

-Врз основа на новодобиените информации за бројот на заболени од КОВИД-19 и препораките од Министерството за здравство и Кризниот штаб на општина Свети Николе, менаџментот на фабриката Мода АД и Камотекс ДООЕЛ одлучи, од петок (10 јуни) да се затворат погоните на фабриките со цел намалување на ризиците од ширење на коронавирусот во истите во наредните денови. Сите 830 вработени ќе бидат подложени на скрининг тест со цел утврдување на точната бројка на број на заболени лица и секако спречување на ширење на заразата- посочи пред два дена градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.

После само 24 часа се регистрирани 24 новозаразени. Нивните семејства се во изолација. Секако, со тоа тие се исклучени од можноста да гласаат на пармалентарните избори закажани за среда, 15 јули.

Револтот на светиниколци кон директорот на Мода АД, Ангел Димитров, е огромен. Велат уште на самиот старт се предупредуваше дека Мода може да стане жариште, со оглед дека се работи за фабрика со многу вработени, кои со автобуси се превезуваат до работните места. Но Димитров тврдеше дека сите мерки се запазени и дека опасност нема. За него беше важен договорениот извоз, но не и здравјето на вработените и нивните семејства. Тој убедуваше дека доколку се појави еден вработен кој е заболен од корона, подготвен е да ја затвори целата фабрика.

-Меѓу првите заболени во Свети Николе беа членови на неговата фамилија. Потоа позитивен на Ковид-19 излезе куварот во Мода. Но Мода продолжи да работи. Бројката на заболени во Мода се зголемуваше, фабриката работеше. Димитров не го одржа својот збор. Свети Николе стана жариште. Некој мора да одговара за ова – коментираат светиниколци.

Димитров и сега не ја затвори фабриката, иако тоа беше официјално соопштено. Во понеделник и вторник вработените нема да одат на работа, но за тоа ќе им бидат земени денови од одмор. Тие што до среда ќе добијат позитивни резултати ќе останат дома. Останатите продолжуваат со работа.

На ова реагираа од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе. Кристијан Милевски на својот фејсбук напиша:

Ова ли е затворање на цел погон Градоначалниче? Пред месец-два пишав статус, знаејќи дека ова ќе се случи, господинот што нејќам името да му го спомнам, излезе после тоа на интервју дека и да има еден заболен, тој ќе ја затвори конфекцијата? Кого правите ненормални? Имате ли на ум дека сите имаме родители, пријатели што работат таму? Имате ли на ум дека тие луѓе ни значат СЕ во животот? И вие да си играте со нашите и нивните животи? Засрамете се, и газда, и градоначалник и држава, засрамете се оти дозволивте да бидеме број 1 кластер во Македонија. Само запрашајте се дали мирно ќе спиете.

Овоа ли е затворање на цел погон Градоначалниче? Пред месец-два беше пиша статус,знаејки дека овоа ќе се случе,…

Gepostet von Кристијан Милевски am Freitag, 10. Juli 2020

Димитров е поранешен пратеник во републичкото собрание од редовите на СДСМ. Светиниколци запрашаа кој и зошто му даде дозвола, и покрај сите мерки во државата, вработените да работат и за време на полициски час.

-Зошто не се направија две групи, да се ротираат на две недели? Ќе се намалеше можноста за ширење на корона. Побитни ли се партиските релации од препораките за заштита кои ги дава и Светската здравствена организација. Напикани како сардини во автобусите, во погон еден до друг, јадење во заедничка трепезарија. Па секоја втора куќа има по некој вработен во Мода. Го загрозија цел град. Требаше да се спречи, сега е доцна да се лечи – велат светиниколци кои бараат одговорност и од Димитров, но и од оној кој ги дал дозволите за сите вработени.

Бројот на заболени и на лица во карантин секојдневно расте. И покрај уставното право стотици граѓани на Свети Николе нема да можат да го остварат своето право на глас на изборите на 15 јули бидејќи рокот за пријавување за гласање на заболени и на лица во изолација заврши уште пред тие да бидат ставени во изолација.

-Дали е намерно ова? Дали намерно чекаа два дена пред избори да ја стават цела фабрика и нивните вработени во карантин? Се плаши ли СДСМ од изборниот резултат во овој град? После ова што го дозволија и има зошто да се плашат. Локална власт СДСМ, централна власт СДСМ, директор на Мода СДСМ, градот стана кластер, најголемо жариште во државата. Срамота! Бараме одговорност – коментираат жителите на овој град.

Од друга страна пак, Димитров ја префрла вината на матичните лекари во градот и на самите вработени. За Фактор изјави дека главен проблем кој довел до оваа ситуација, е што на матичните лекари во Свети Николе прво им биле потребни два дена за да им закажат тестирање на сомнителните вработени, а потоа уште пет дена се чекало на резултатите. Тоа, според него, е долг период на чекање, а доколку тој бил пократок, ситуацијата понавремено ќе се превенирала.

Дециден е дека во фабриката уште од самиот старт на епидемијата со коронавирусот, биле преземени сите мерки и препораки на заштита, онака како што побараа здравствените власти, и тоа и во погоните, и во кујната што ја користат вработените.

„Меѓу сите машини се одржува препорачаното растојание и вработените носат заштитни маски. Но, доколку таа вработена, на пример, појде до тоалет, или на пауза, и таму разговара со друга вработена без да ја почитува социјалната дистанца, ние тоа не можеме да го контролираме. Тоа значи дека и покрај почитување на мерките од страна на компанијата, доколку дел од вработените не се совесни, не може да се спречи оваа појава“, вели Димитров.

Тој додава дека заболените биле со лесна клиничка слика што дополнително ги охрабрило.

„Тоа и ги охрабрило да не ги почитуваат мерките. Еден вработен уште пред три дена имал лесни симптоми, но не бил сигурен што е, мислел не е сериозно и ќе го помине од нога. Од тие причини и доаѓа до пренесувањето“, објаснува Димитров.

Ваквата изјава дополнително ги разлути граѓаните. Велат наместо да се извини и да помогне финансиски на заболените кои, принудени за да го задржат работното место, оделе наработа, тој ги обвинува и ги суди.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.