Договорот со италијанската фирма „Леонардо“ за набавка на радарски системи останал ист и пред во него да се вклучи поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, но сомнително е доцнењето со исплатата на траншите за кои државата плаќа високи камати, вели во неделното интервју за Радио слободна Европа претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска.

За предметот „Леонардо“ Ивановска вели дека се работи за комплексен и обемен предмет.

„Ние го отворивме и од аспект на јавната набавка, на целата постапка за избор на „Леонардо“ како оператор од кој што требаше да се набави таа опрема, и тој е малку пообемен процес, и тој процес е завршен. Е сега вториот дел е кога Рашковски се вклучува и зошто се вклучува и зошто се одолговлекува времето на склучување на договорот, иако се склучува ист договор како и претходно што се сакало да се склучи, ни остануваат уште ситни детали, околу пет до десет проценти за целосна обработка на предметот, меѓутоа и тоа брзо ќе се заврши и ќе ги објавиме резултатите од тој предмет. Договорот останал ист, дали имало желба да се промени нешто не знам, на писмено врз основа на документи тоа не сме го виделе, освен што времето за повлекување на траншите е надминато, а за надминување на времето, за ненавремено плаќање на траншите се плаќаат високи камати од страна на државата“, вели во интервјуто за РСЕ Ивановска.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лани во декември одлучи дека нема основа за гонење на ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски во предметот за спорниот тендер за набавка на радарски систем за М-НАВ, државна компанија за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија. На 5 август, лани Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека отвора предмет за јавната набавка за инсталација на радарскиот систем за управување со воздушниот сообраќај и за улогата во оваа набавка на генералниот секретар на Владата, Рашковски.

Скандалот изби откако беше објавена снимка на која се слуша како генералниот секретар Рашковски договара детали за проектот вреден над 7 милиони евра и изборот на италијанската фирма „Леонардо”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.