Судско-медиумскиот совет (СМС) го избра раководството кое ќе го претставува во следните две години. Претседател во новиот состав е Иван Џолев, судија од Основен кривичен суд, а потпретседател е Христина Беловска, новинарка од Телевизија 24.

На состанокот присуствуваа 12 од вкупно 15 членови на Судско-медиумскиот совет.

Под влијание на СМС, судиите и новинарите почнаа повеќе да комуницираат, почна да се развива меѓусебна доверба, размена на информации, се надополнувавме, но и се критикувавме едни со други, а бенефитот од сето ова го имаа граѓаните  кои добиваа навремени, точни информации. На овој начин директно, но и индиректно влијаевме и во зајакнувањето на демократските капацитети, а на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување, но и на владење на правото – изјави Џолев.

Беловска кажа во периодот што следува ќе се бара пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи.

Ако на новинарите им е забранет пристапот до судница или увидот во судски документи, автоматски и граѓаните ќе немаат можност да видат како некој е осуден и дали се применуваат законите без привилегии и дискриминација. Затоа ние судските известувачи се залагаме преку СМС да се променат работие. Изминатиот мандат, издејствувавме пресудите во Кривичниот суд да се снимаат целосно и да се стримаат на Фејсбук и во живо. Ќе бараме пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи. Притоа членувањето во СМС не значи компромиси на штета на новинарството, напротив преку правните школи кои ги организиравме добиваме поостручени, поинформирани новинари кои ќе критикуваат и понатаму, не манипулативно, туку аргументирано и издржано – вели Беловска.

Новиот состав на Судско-медиумскиот совет брои 15 члена, од кои осум се новинари од различни медиуми, а седум се од редот на судиите од различни апелациони подрачја.

Учеството во ова тело е базирано на волонтерска основа.

Во насока на поголема соработка и отворање на судовите кон јавноста, Судско-медиумскиот совет се формираше првпат во Македонија, но и во Европа, во септември 2018 година, по претходни искуства на две вакви советодавни тела во Соединетите Американски Држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.