Итно да се донесат мерки со кои родителите на деца со посебни потреби, посебно оние од приватниот сектор да бидат ослободени од работа, бараат од штипското здружение „Сплотени срца“. Пред камерите на „Алфа“ велат дека штом судовите и јавната администрација можат да работат од дома или да ротираат, би требало да е размисли и за оваа категорија на граѓани.

Треба да размисли државата што ќе се случи со луѓето коишто работат во приватниот сектор. Ние што работиме во државни институции ќе ни излезат во пресрет, ќе ротираме, ќе се снаогаме во целата ситуација. Мегутоа многу од нашите родители коишто работеа приватно останаа без работа, изјави Зоран Мијалков од Здружението.

Дополнителен проблем е затворањето и на двата дневни центри во Штип, откако вработени се инфицираа со вирусот. Од здружението сметаат дека во ваквите институции треба да се зајакнат протоколите и во предвид да се земат и странски искуства. Алармираат, посебно за лицата со аутизам да се изготват протоколи со кои ќе им се овозможи да излегуваат додека се во изолација.

Обично доаѓа до регрес. Обично кај некој од децата кои имат епилептични напади повторно се враќаат нападите. Бидејќи тоа е нивна рутина, дел од терапијата е тоа. Да излезат, да ги прошеташ на воздух, вели Мијалков.

Тестирање на сите штитеници во центрите кадешто ќе се појави вирусот би требало да биде задолжително, затоа што најголем дел од децата поради проблеми со говорот не можат да кажат дека имаат симптоми, сметаат од штипското здружение.

Во моментот тројца вработени и еден штитеник во двата центри во Штип се позитивни на вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.