Италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, утре ќе биде во официјална посета на Република Македонија.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше дека домаќин на Тајани ќе биде Муцунски, со кој се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и мултилатерална соработка, заедничкиот придонес кон мирот, како и иднината на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката од Италијанската Република за нашата земја.

Како што информираат од Амбасадата на Италија во Скопје, се очекува Тајани да оствари средби со претседателката на земјава Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, како и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

– Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан. Работиме на надминување на секоја пречка на патот на Скопје за пристапување кон Европската Унија. Има многу голем потенцијал за дополнително зајакнување на нашите билатерални односи почнувајќи од соработката во стратешките и секторите со висока додадена вредност, вели Тајани пред посетата на Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.