„Историја немате“ и „Етничка Албанија“ се само дел од скандирањата кои се слушнаа во салата на Македонскиот народен театар, каде со истакнати транспаренти и развиено албанско знаме прославуваше навивачката група „Шверцери“.

Засега, како и по обичај, одговорноста сè уште се префрла од една институција до друга.

Владата вели дека настанот не е во организација на ниту една државна институција и не смее никако да се поврзува со владиниот настан за одбележување на Денот на албанската азбука, кој се одржа пред прикажувањето на документарниот филм за 30 години навивачка група „Шверцери“, кога и се случи инцидентот.

На настанот претодно присуствуваше и премиерот во заминување Зоран Заев, кој вели државната прослава за 111 години од Денот на албанската азбука, била поделена во два дела.

Едниот беше културна манифестација, вториот дел испадна дека не била баш културна манифестација, вели премиерот во заминување.

Директорката на МБТ Симона Угриновска објасни дека Владата, односно Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, ја организирало само централната манифестација – Свечената академија по повод прославата на Денот на албанската азбука, додека настанот на којшто се случил инцидентот бил само најавен меѓу другите настани предвидени за одбележувањето.

Вториот настан, не ни беше најавен дека ќе биде во такви рамки. Беше најавено дека ќе има проекција на документарец, по истиот повод – Денот на албанската азбука. Ние не знаевме до последен момент ниту дека документарецот не во контекст на одбележување на Денот, тука дека е сосема друга темата и воопшто не знаевме дека се повикани навивачи на фудбалски клуб, нагласи Угриновска.

Официјално соопштение од театарот сè уште нема.

Пратеникот и претседател на собраниската комисија за европски прашања Артан Груби и министерот за образование и наука Арбр Адеми, не гледаат ништо спорно во прославата.

Дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 април, а не прослава на навивачи, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам, кој што би го осудил во секој момент, смета Груби.

Полицијата била присутна за време на инцидентот, но не интервенирале. Дури денеска, три дена подоцна, екипа на крим-техника го испитува местото.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.