Дневните Центри за лица со посебни потреби ќе ги отворат своите врати за работа. Вчера на владина седница е донесена одлука за отворање на Центрите, но сè уште нема соопштено под кои услови и какви протоколи ќе се организираат активностите.

Власта по 7 месеци донесе позитивна одлука за отворање на дневните Центри ширум Македонија, иако родителите на лицата со посебни потреби во неколку наврати алармираа отворањето да се случи многу порано, бидејќи како што велат овие лица се соочуваат со дополнителни проблеми кои негативно влијаат и врз така нарушената здравствена состојба.

Јас барам центрите дa бидат отворени, но власта сè уште нема никаква одлука донесено, а мојата ќерка е затворена дома повеќе од 7 месеци, се соочуваме со многу голем проблем, нервозна е, а се чувствува и дискриминирано. Бара да оди на училиште, не знам како да ѝ објаснам дека ситуацијата е таква, но ако владата се ангажираше малку повеќе ќе најдеше решение за лицата со посебни потреби, вели родител.

Дека оваа состојба влијае негативно врз децата потврдуваат и психолозите кои велат дека лицата со посебни потреби мора да имаат активност бидејќи се склони кон депресија и се соочуваат со чувство на отфрленост од општеството. Тие единствено стравуваат за протоколите.

Владата и ресорното Министерство за труд и социјална политика и министерката Јагода Шахпаска не соопштуваат под кои протоколи ќе работат истите и дали ќе се изврши масовен скрининг на вработените во центрите, ако се земе во предвид дека овие центри се помалку бројни и дека тоа нема да претставува и некој сериозен трошок за државата.

Јавноста е сведок дека несериозноста на владата на СДСМ и избрзаната одлука за отворање на детските градинки без претходен скрининг на вработените резултира со секојдневни заразени деца и воспитувачки од Ковид-19.

Секоја избрзана одлука и несериозност од страна на власта и министерството дополнително ќе се удри врз здравјето на оваа категорија на граѓани. Но, се чини дека ниту власта, ниту министерката Шахпаска тоа воопшто и не ги интересира.

Во Македонија, во центрите за социјална работа се регистрирани 2.678 деца со умерени и тешки пречки во менталниот развој, коишто живеат со своите биолошки родители или се сместени во згрижувачки семејства, а има 25 дневни центри коишто се лоцирани во урбани средини што овозможува лесна соработка со сите други институции на локално нив, а дел од вработените се негователи, физиотерапевти, дефектолози и логопеди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.