Порталот Инфомакс го пренесува исказот на второобвинетот, а сега осуден, во случајот „Рекет“ Зоран Милески Кичеец.

Во исказот даден на 19.08.2019 година под архивски број КО бр. 84/19 Зоран Милевски се претставил себе си како советник на директорот на Орка холдинг, пишува Инфомакс.

Објаснил дека е женет, татко на 5 малолетни деца. Од имотна состојба пријавил само автомобил марка „порше“, но го изоставил арсеналот оружје – преку 200 парчиња оружје и муниција кои се регистрирани на негово име. Испитувањето на обвинетиот започнало во 12.05 часот.

Јас бев вработен во Орка холдинг на работно место советник на директорот. Покрај тоа што бев вработен во Орка, јас со Јордан Камчев бев близок пријател, односно тој ми беше како брат, вели Милевски во првиот пасус од исказот пред Обвинителството.

Тој продолжува да објаснува како Јордан Камчев прв пат се сретнал со Боки 13 и тоа во ресторанот на неговата сопруга Ана Камчева. Додека седеле на една од масите заедно со Орце Камчев во „Сушико“ влегол и Бојан и си седнал на друга маса.

Јордан му мафна да го поздрави Бојан, по што тој дојде на нашата маса, се поздравија, се изгушкаа и Јордан му кажа да седне со нас. Бојан му кажа на Јордан дека треба да разговараат и тоа дека има проект за изградба на домови за стари лица во кои е добро да инвестира Јордан, вели Милевски некаде при крајот на првата страница од неговиот исказ.

Ова било прва јавна средба помеѓу Бојан и Орце или поточно прва средба на која Кичеец дознал дека Камчев комуницира со Боки 13. Претходно Камчев и Боки се виделе уште еднаш кога Бојан му предложил уште некои други проекти, но бидејќи не биле сериозни, за тоа не го информирал својот „брат“ Зоран Милевски Кичеец.

Дека проектите се несериозни се согласил и Кичеец, кој го советувал Орце да не инвестира бидејќи од нив нема да направи никаков профит. На ова негодувал Бојан Јовановски, пишува Инфомакс.

Бојан кажа во смисла ‘вие си знаете, но добро е да соработувате со мене, позади проектот стои 1 ТВ’, сведочел Зоран Милевски, но додава дека не се сеќава дали во тој наврат или во некоја друга прилика кажал дека синот на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева работи кај него.

И потоа Зоран Милевски Кичевскиот објаснува како течела комуникацијата помеѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски, објаснува дека Орце Камчев бил подготвен да плати огромна сума за рекламирање во телевизијата 1 ТВ и дека и покрај парите дадени за реклама сепак бил отворен случајот „Империја“.

На почетокот на месец ноември 2018 година јас и Јордан заминавме службено за Атина. Додека бевме таму, на порталите, и тоа сега не можам да кажам точно дали на Либертас или на Фокус, видовме како во Јавното обвинителство е отворен предмет за наводно вршени фиктивни операции во Систина, вели Кичевскиот некаде на почетокот на втората страница од исказот даден пред Обвинителството.

Откако започнала истрагата за случајот „Империја“ и откако дознале дека предметот го води Лиле Стефанова, Јордан на Зоки му искоментирал дека некој сака да го намести, а тој нема ништо лошо направено, дознава порталот.

Гледаш како сакаат да ме наместат, немам ништо направено, се сум чист и јас сум легалист.

Набрзо потоа Камчев дознал дека обвинителката Лиле Стефанова има блиски релации со бизнисменот Ванчо Чифлиганец, па го викнал да разговараат за тоа каков карактер има обвинителката, на ова Чифлиганец рекол дека таа гледала праволиниски и дека може, ама тешко ќе се заврши работа кај неа. Така и било. Чифлиганец отишол кај Стефанова и не направил ништо, вечерта во домот на Јордан Камчев влегла полиција и бизнисменот бил приведен.

При приведувањето Камчев му шепнал на Милевски да го бара адвокатот Васко Димишков.

Вечерта кога дојде полиција, Јордан ми кажа да му се јавам на адвокатот Васко Димишков и ми кажа Васко две недели претходно побарал да се види со него. Јас го барав Васко, но не успеав да го добијам на телефон, а исто така го бараше и Ана Камчева. Јордан го однесоа во суд каде што му беше определена мерка притвор, вели Кическиот некаде при крајот на втората страница од исказот даден пред јавното обвинителство.

Сега не можам точно да се сетам дали најпрво се сретнавме јас и Ана Камчева со адвокатот Васко Димишков, но јас ги имам снимено сите средби што сме ги имале јас и Ана со Васко Димишков, колку пари барал, а се работеше за астрономски суми во милиони и тоа само Јордан да биде пуштен од притвор, а кажа дека за судење ќе има друга цена. Јас овие снимени разговори ќе ви ги доставам за да се уверите во вистинитоста на она што го зборувам, вели сега осудениот Зоран Милевски Кичеец некаде на крајот од втората страница од неговиот исказ.

И тогаш започнале првите контакти помеѓу Милевски и Боки. Милевски се обидувал да го намоли Боки да му помогне, а овој пак го поврзал со Катица Јанева велејќи му дека се си има цена.

Ова што е досега напишано е само илустрација за релевантноста и постоењето на ваквиот исказ на Кичеец, а еве што е битно.

Откако му ги дале парите на Боки во Луј Витон чанта на Боки, Орце Камчев отишол кај премиерот и го пријавил случајот. Зоран Милевски не бил свесен за ваквиот потег на неговиот „брат“ па бил изненаден кога Боки една вечер му се јавил по телефон и му го кажал следното.

Се сеќавам беше 11.00 часот навечер кога ми се јави Бојан, почна да вика по мене дека јас и Јордан Камчев сме го наместиле, разбрал дека Јордан Камчев дошол да го пријави случајот во Влада, викаше дека тој нема ништо со парите, дека тој не земал ниту денар, викаше дека најпрво Јордан го форсирал да помогне, а после го пријавил, вели Зоран Милевски Кичевскиот на последната страница од исказот даден пред обвинителството.

„Јас следниот ден веднаш отидов кај Јордан во канцеларија му кажав за разговорот со Бојан при што Јордан ми кажа ‘ти уживај треба да кажеш се како што било’ снимаа се Бугарите и Американците се имам документирано како било и ќе видиме сега како ќе заврши „Империја“, вели Зоран Милевски Кичеец на последната страница од својот исказ пред обвинителството.

И јас кога дојдов првиот пат во обвинителството кога бев повикан не ја кажав вистината затоа што бев исплашен бидејќи на сите средби претходно од почеток Бојан се фалеше со неговите познанства особено со високи функционери од Власта, а исто така со судии и обвинители, вели на крајот од својот исказ Зоран Милевски Кичеец.


Извор и повеќе на Инфомакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.