Македонската конзервативна партија Интегра денеска на градскиот плоштад во Куманово оствари средби со граѓаните на кои партискиот лидер Љупчо Ристовски и носителот на листата во ИЕ2, Александар Главинов ја презентираа програмата „Нова македонска ренесанса како визија за подобар живот во Македонија“.

Проекти од речиси сите области кои ќе им овозможат подобар живот на граѓаните, туризам, инвестиции, иновации, понудија на денешниот митинг претставниците на Интегра.

Двете партии, рече во говорот Ристовски, ја опустошија Македонија последниве 30 години, затоа е редно да се одберат луѓе кои на граѓаните ќе им овозможат благосостојба.

Економија, образование, здравство, немате богата и просперитетна држава ако нацијата ви е болна и ако не ви е силно образована. Овие таргети ќе поткренат пет клучни стратегиски точки, почвата, водата, воздухот и човечкиот капитал стануваат национални стратегиски ресурси-рече, во говорот Ристовски.

Кокино ќе биде туристичка атракција, ќе се развива бањскиот, здравствениот туризам, брзи возови, преку транспортна стратегија. Граѓаните ќе можат личниот потенцијал да ги изнесат на површина и Македонецот да биде горд и достоинствен, додава Ристовски,

Носителот на листата Главинов порачувајќи им на кумановци дека се борбени, посочи дека пратеничкиот мандат ќе го доживее како должност да даде максимум за потребите на граѓаните, за поубав, достоинствен, безгрижен, за материјално стабилен живот.

Затоа е многу важно сите заедно, сплотено и масовно да излеземе и да го дадеме својот глас за Интегра, македонска конзервативна партија и да ставиме крај на досегашната црно-бела политичка слика, повика Главинов

Пред присутните беа презентирани и дел од кандидатите за пратеници од ИЕ 2, меѓу нив и кандидатката од Куманово, Виолета Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.