Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во Одделението за инспекциски надзор во високото образование и просветниот инспектор што ги откри незаконските професорски дипломи на министерот за образование, Арбер Адеми, и на заменик-министерот во МВР Агим Нухиу, напиша отворено писмо во врска со соопштението на Државниот просветен инспекторат во кое се оградува од тврдењата на инспекторот Илиевски за нерегуларностите на тетовскиот универзитет.

Отворено писмо на вишиот просветен инспктор Ѓорѓи Илиевски

Не сум изненаден од директорот на Државниот просветен инспектор Томе Спироски и раководителот на Секторот за инспекциски надзор Африм Саљиу со ваквото соопштение бидејќи тие ми вршеа притисок со закани да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија оти ќе трпам последици ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија.

Таквите закани беа на одржаниот состанок на 10.05.2019 година во канцеларијата на директорот, каде што беа присутни колегите Предраг, Зоран, Весна, Христина, Даниела, Снежана. На таквите закани им беше одговорено од моја страна дека јас сум самостоен инспектор и на сето што сум констатирал се потпишувам и стојам зад тие констатирани незаконитости. Им одговорив дека сакам професионално и законито да си ја завршам мојата работна кариера. А за ваквите закани ќе бидат информирани сите домашни институции, странски амбасади, средствата за јавно информирање, како и Државната комисија за корупција. Тоа и го направив, запознати се сите. Тоа стои и во Претставката бр.12-2682/1 од 13.05.1019 година, како и во дополнителна претставка доставена до Државната комисија за спречување корупција за напред наведеното.

Само да ги потсетам претпоставените. Дали треба да се почитува и применува Законот за инспекциски надзор – Основните начела на инспекцискиот надзор, ќе го истакнам само член 8 кој го обврзува секој инспектор, цитирам:

„Инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствијата кои треба да се преземаат при вршењето на надзорот, како и за мерките што ќе бидат изречени по извршениот надзор“.

Оттука произлегува и член 31 став 2 од Законот за просветна инспекција, цитирам: „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во определен рок кој ги определува инспекторот, а тој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесување на решението“.

Од извршениот редовен инспекциски надзор, извршен на Државниот универзитетот во Тетово на 01. и 12.04.2019 година, на Правниот факултет од страна на моите колеги кои бевме на надзор 5 (пет) проверивме 33 досиеја во делот на наставно-научни звања на доценти, вонредни и редовни професори од страна на инспекторите беа констатирани законски пропусти, како и незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование и Законот за работни односи. Притоа се прибраа и целокупни документации кои ги поседувам и се предадени до Државната комисија за спречување на корупција на РСМ, како и доставена документација до кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Воедно, лично е запознат и министерот за образование и наука за неговата незаконитост која е констатирана за унапредување во наставно-научно звање доцент, како и за неговите интелектуални ангажирања кои добивале парични средства од универзитетот што е спротивно на Законот за високо образование, истото важи и за другите јавни функционери. Бев замолен да го прикријам целиот случај. Исто така, на неколку наврати ми се обрати и заменик-министерот за внатрешни работи, за кој исто така бев замолен да се сокрие овој случај.

Наместо да добијам поддршка од страна на директорот за таму каде што треба да се почитува законитоста, тој подлегнува на некои според мене игри недостојни-непримерни кои најмалку ни се потребни сега кога тежнееме да се приклучиме до европските трендови и законитости.

Реакција на Државниот просветен инспектор (ДПИ)

Државниот просветен инспектор (ДПИ) вчера испрати известување во кое се оградува од изнесените наводи за нерегуларности во постапките за избор во наставно-научни звања на актуелни функционери, членови на Владата, а утврдени од страна на Државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски на Универзитетот во Тетово.

Mинистерот за образование и наука Арбер Адеми, и двајца сегашни функциoнери во Владата незаконски се стекнале со наставно-научни звања на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово – заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, тврди просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, објави Факултети.мк.

Соопштението од ДПИ го пренесуваме интегрално:

„Наводите за нерегуларностите изнесени од страна на посочениот Државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски не претставуваат официјален став на институцијата каде работи истиот (Државен просветен инспекторат) и истите се изнесени како негов личен став и негова самоиницијатива со нецелосно утврдена фактичка состојба за посочените предмети на високообразовната установа, како и во време кога истиот користи годишен одмор, што претставува кршење на законската регулатива која го регулира ова материја.

Државниот просветен инспекторат се оградува од неговите лични ставови, поради што е покрената постапка за целосно утврдување на фактичката состојба на високообразовната установа за и околу спроведените постапки за избор на наведените лица во наставно-научни звања, за што даден е налог (на ден 05.06.2019 год.) до Раководителот на сектор за инспекциски надзор да се спроведе вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово.

На ден 06.06.2019 година спроведен е вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, а во врска со спроведените постапки за избор во наставно-научни звања на посочените лица. Одземена е многубројна документација од надзорот и истите се предмет на утврдување на фактичката состојба. По добиените резултати од надзорот и утврдување на целосната фактичка ситуација односно со фактичка ситуација окончување на постапката дополнително јавноста ке биде информирана“, се вели во попладневното соопштение на Државниот просветен инспекторат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.