Во периодот од 5 до 11 октомври при инспекциски контроли на територијата на целата држава поднесени се 23 прекршочни пријавии и 19 кривични пријави за непочитување на ковид протоколите. За време на викендот без ДДВ инспекторите констатирале 15 прекршоци по однос на цените на производите, информираше денеска на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска. Државниот пазарен испекторат спровел 2.880 контроли и 290 вонредни инспекциски надзори.

Од кривичните пријави девет се за правни лица од Скопје, пет во Кичево, по две кривични пријави во Битола и Кавадарци и една кривична пријава во Охрид. Дополнително се изречени пет решенија за други прекршоци.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во истиот период извршил 126 надзори по однос на здравствените протоколи. Овој инспекторат за овој период издал 3.929 решенија за изолација и домашно лекување позитивни на корона вирусот на лица кои биле во контакт со заболено лице. Инспекторатот за труд во истиот период спроведе 409 надзори во правни субјекти со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори од страна на трудовите инспектори донесени се 17 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи, истакна Филиповска Грашковска.

Во периодот од 5 до 11 октомври Инспекторатот за транспорт извршил 48 надзори при што изречени се две кривични приајви за непочитување на здравствен протокол за меѓународен превоз на патници на граничниот премин Деве Баир , како и четири прекршочни пријави, пет решенија и девет платни налози по основ на прекршување на материјалните закони.

Во истиот овој период Агенцијата за лекови спровела 60 надзори во аптеки по основ на почитување на мерките на Владата и издавањето антибиотици при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапување од протоколите, информираше претседателката на Инспекцискиот совет.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство биле извршени 287 надзори од кои издадени биле пет решенија, два платни налози и 40 едукации за неизвршени здравствени прегледи, не водење записи за хигиена, не спроведување на општи хигиенски мерки и слично.

Од неодамна Владата ги усвои измените на Законот за заштита на население од заразни болести. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите. До сега само ДЗСИ имаше овластување да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите. Со новите законски измени овластување за изрекување забрана за работа и изрекување прекршочен платен налог добиваат меѓудругите и ДПИ, ДИТ, за транспорт и сите останати инспекторати на централно и локално ниво. Конкретно доколку инспекторите утврдат прекршувања на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од десет до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките, истакна Филиповска Грашковска.

Законските измени се пратени во Собрание и штом бидат донесени инспекторите веднаш ќе започнат да постапуваат според новите овластувања.

Во однос на забавите во приватните објекти, претседателката на Инспекцискиот совет рече дека ниту еден инспектор нема надлежност да влегува во приватни објекти и нема да можат да се контролираат во однос на сегашните законски прописи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.