Владата и премиерот Зоран Заев ветуваат петти пакет на антикризни мерки за помош на граѓаните, но се уште не ја исплатиле помошта од третиот пакет на мерки. Имено, медицинските и здравствени работници од Инфективното одделени во Гостивар се уште не ја добиле ветената награда како знак за борба против спречување на пандемијата од корона вирусот.

За овој проблем медиумите пишуваа уште пред четири месеци, но од страна на надлежните и понатаму нема одговор.

Како што изјави тогаш докторот и раководител на инфективното одделение во Болницата во Гостивар, Ратко Наумовски биле испратени списоци на вработените за платежни картички за оние вработени вклучени во борба со пандемијата, но не добиле ништо од ветеното. Тој укажа дека тие тоа не го барале, туку владата сама им ветила дека ќе доделуваат такви картички, како и дека размислуваат да поднесат тужба или да излезат на штрајк бидејќи како што изјави многу се револтирани.

Владата извести дека вработените во Инфективната клиника во Скопје и инфективните одделенија низ градовите треба да добијат платежна картичка во вредност од 40 проценти од платата, односно по 20 проценти за два месеца. Ни бараа и списоци на вработените да подготвиме, тоа го направивме, но еве не сме добиле ништо. Поднесовме и приговори, но и од тоа ништо. Ова мора некако да се реши. Самата влада јавно обвини дека ќе ги даде тие ваучери за медицински персонал што е вклучен во борба со КОВИД-19. Ние не баравме, тие сами рекоа дека ќе доделуваат, а сега не ги даваат. Сакаме и да поднесеме тужба, ако треба и ќе штрајкуваме. Многу сме револтирани – изјави тогаш доктор Наумовски.

Сега Наумовски, вели дека иако повторно реагирале се уште не им се дадени платежните картички, посочувајќи дека вработените од Инфективното одделение се незадоволни, но дека поради лошата ситуација не сакат да излезат со по рестриктивни мерки како штрајк, барајќи уште еднаш да се разгледа нивниот проблем.

Ваучерите што требаше од 20 проценти за март и април за 2020 година да ни се дадат ни беше ветено преку министерството и препратено до Фондот за здравство се уште не ни се дадени. Има револт кај голем дел кај вработените на Инфективното одделение. Не сакаме во овие тешки времиња да одиме со штрајкови, со порестриктивни мерки, пожелно е да се разгледа уште еднаш ова – вели доктор Наумовски во вчерашната изјава.

Имено, инфективното одделение во Болницата во Гостивар има 30-тина вработени, но ниту министерот за здравство Венко Филипче, ниту пак власта нема слух за решавање на нивниот проблем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.