Претставници на индиската команија Оизом, базирана во градот Ахмедабад, за Република потврдуваат дека Фондот за иновации и технолошки развој спонзорирал компанија која како промотивен материјал искористила фотографија од нивен уред. Фондот одобрил 245.000 евра за проектот Екомонитор, предложен од компанијата Инфопројект на Ванчо Орданоски, брат на новинарот и гласен поддржувач на владејачката партија СДСМ Сашо Орданоски, во соработка со невладината организација Зелен Цивил, дел на мрежата Цивил на Џабир Дерала и Горан Наумовски.

Скандалот се прошири откако адвокатот Александар Тортевски го обвини Ванчо Орданоски дека земал поголема сума пари од Фондот за лажен проект за наводна еко-иновација, а набргу потоа анализа на фотографиите кои Инфопројект ги користел за наводниот изум покажа дека се работи за уред кој веќе се продава во Индија.

Уредот кој беше претставен на интернет страницата на Екомонитор, за кој биле одобрени 245.000 евра државни пари, е идентичен со уредот на индиската компанија Оизом, со таа разлика што од Екомонитор ја обработиле фотографијата и го избришале логото на Оизом.

Фотографиите на нивната интернет страница се всушност фотографии на производот Полудрон верзија 1, изработен од Оизом. Веќе подолго време имаме извадено патент за уредот. Од Екомонитор не стапиле во контакт со нас досега за овој производ, изјави за Република Џаинам Мехта од компанијата Оизом.

Оизом со Република го сподели и нивниот патент број 294408 регистриран уште во 2017 година, на кој се гледа дека се работи за уредот со кој Инфопројект и Цивил добиле пари од Фондот за иновации.

Откако скандалот беше објавен во Република, фотографијата на спорниот уред беше набрзина нивната интернет страницата Екомонитор, а избришана беше уште една фотографија на која беше претставена телефонска апликација за мерење на загадувањето. Оваа фотографија повторно не претставуваше оригинален производ на Инфопројект и Зелен Цивил, туку беше преземена од кинеска интернет страница.

Од Фондот за иновации за Република соопштија дека за проектот Екомонитор на Ванчо Орданоски во средината на 2018 година биле одобрени вкупно 15 милилони денари – 245.000 евра. Компанијата на Орданоски се нафатила да го финансира остатокот од овој проект од приближно 106.000 евра. Досега на компанијата од страна на Фондонт и биле исплатени 8 проценти од одобрената сума, односно околу 20.000 евра.

Фондот за иновации е државна институција која многу пати по формирањето на Владата на СДСМ беше посочувана дека доделува пари за компании водени од новинари блиски на СДСМ, партиски активисти па дури и членови на Владата на Заев. Дури и по бројните медиумски извештаи за случајот со компанијата на Ванчо Орданоски, од Фондот се правдаат дека не знаат за измамата со претставување на фотографии од производи на туѓи компании како свои, но додаваат дека Орданоски ги прекршил правилата на конкурсот доколку претставил туѓ производ како свој.

До ФИТР нема доставено официјална информација или претставка за нарушени права на интелектуална сопственост од ниту една компанија. ФИТР секако има механизми за заштита и проверка на вакви случаи. Секоја компанија корисник на средства од ФИТР со договорот се обврзува дека „не смее свесно или намерно да ги нарушува правата на интелектуална сопственост на кое било трето лице. Доколку проектот се заснова на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, корисникот е должен да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за непаричен придонес и друг вид на договор кој потврдува дека корисникот има право на користење на интелектуалната сопственост на кој се засноваат резултатите од проектот, велат од Фондот за иновации за Република.

Од Фондот исто така додаваат дека побарале од Инфопројект, компанијата на Ванчо Орданоски, да „достави дополнителни информации во врска со правата на интелектуална сопственост на проектот Екомонитор“. Од Фондот велат дека немаат коментар за обвинувањата на адвокатот Тортевски, дека во овој еко проект работи за сериозна измама.

Република се обрати до Ванчо Орданоски, преку неговата адреса на компанијата Инфопројект, но не доби одговор.

Одговори испратија од Цивил, организацијата на Џабир Дерала која фигурира како партнер во овој сомнителен еко проект, и чиј соработник е Сашо Орданоски, братот на Ванчо Орданоски. На прашањето како фотографии од туѓ производ се нашле на интернет страницата на проект кој е широкоградо финансиран со државни пари, од Зелен Цивил се правдаат дека „го провериле сајтот Екомонитор и не утврдиле такво нешто“, веројатно сметајќи дека случајот е завршен со тоа што спорните фотографии се избришани од интернет страницата на Екомонитор.

Како уредник на интернет страницата на Зелен Цивил, односно лице кое веројатно ги избришало украдените фотографии во обид да го прикрие скандалот е наведен извесен Петар Орданоски. Ванчо Орданоски, пак, го избриша својот твитер профил, од кој честопати упатуваше закани и навреди кон политичките
неистомисленици на СДСМ, но, иронично, и обвинувања за корупција.

Билјана Јордановска од Зелен Цивил инсистира дека Екомонитор сепак развива свој систем за мерење на загадувањето и „колку што сме информирани“, нивниот производ бил патентиран, додека придонесот на луѓето од Цивил бил на волонтерска основа, односно не учествувале во делењето на парите добиени од Фондот за иновации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.