Кон крајот на следната недела ќе биде познато името на техничкиот премиер, откако следниот петок ќе заседава Централниот одбор на партијата, а претходно ќе се состане и Извршниот одбор. Ова го изјави денеска премиерот во заминување Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по неформалната средба со пензионерите, на која присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче.

Од тактички причини одлуката ја одложивме за крајот на следната недела. Ќе не разберете затоа што овде се прави договор меѓу власта и опозицијата. Ние не би сакале да истрчуваме со какви било мерки. Имаме доволно време да размислиме. Се работи за избор на премиер за 100 дена од 3 јануари се до изборите и до формирањето на идната влада. Се работи за дополнителни двајца заменици министри со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, но и за пополнувањето на испразнетото место потпретседател за економски прашања. Економијата е многу важна сакаме цел тој кабинет да биде пополнет со соодветна личност, истакна премиерот.

Како можни технички премиери медиумите ги споменуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката Царовска, а таа денеска на прашањето дали е подготвена да ја води владата како технички премиер рече дека не станува збор за тоа дали некој е подготвен.

Дискусиите се водат таму каде што треба да се водат и кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде запознаена, кусо одговори Царовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.