В.д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент Филип Рикер оствари средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Како и по средбата со Заев, Рикер порача што побрзо да се најде решение за Законот за обвинителство бидејќи од овој закон зависи европската перспектива на државата.

Имавме искрен и отворен разговор со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и со претставници на партијата во кој ги повторив истите пораки како и утрово. Се надевам на позитивен исчекор кога станува збор за владеењето на правото, СЈО и за Јавното обвинителство, бидејќи тоа е многу важно за европската перспектива на Северна Македонија, изјави вршителот на должност помошник државен секретар на САД Филип Рикер по едночасовната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одржана во седиштето на партијата.

Тој посочи дека САД и натаму ја поддржува европската перспектива на земјава и ќе сторат се за таа да стане реалност но некои работи како што е Законот за обвинитeлство зависат од политичките чинители во државава.

САД ќе продолжат силно да ја поддржуваат Северна Македонија во отворањето пристапни преговори со ЕУ. Ние ќе продолжиме да ве поддржуваме, но останува на политичките чинители во земјава да постапат правилно, да не играат игри, конструктивно да соработуваат заради иднината на земјата, додаде Рикер.

На агендата на високиот американски дипломат со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што е предвидена и средба со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Последна според најавите е средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претходно Рикер имаше средби со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров, а се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахметив во седиштето на партијата во Тетово.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.