Пред полната сала „Јане Сандански“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг од Разговорите за обнова на Македонија се осврна на својата визија за обнова на Македонија. Иако свесен дека народот е разочаран од политичарите, тој нагласи дека сите политичари не се исти.

Мицкоски зборуваше и за вредностите во кои верува: правда, принципи, промени и победа.

Ќе донесам ПРАВДА. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм. И колку сега сме обвиени во неправда мојот мотив е уште посилен да се спротивставиме на мафијата и оној трул систем кој не влече надолу. Затоа што имаме неправда, пред се кон обичниот народ кој е заглавен низ судските лавиринти, кој трпи не само законска туку и морална неправда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму затоа што ја сакаат Македонија. Да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние политичари кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои ни се појавуваат во општеството како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не, браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е. Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна, таа е единствена и безмилосна. И еве тука сте сите вие и ви велам дека мора да биде така, да се избориме за правда.

И точно знам што говорам и знам дека ова е голема обврска, знам дека по преземањето на власта вие што сте блиску до мене сега, ќе има такви кои ќе се изгорите од мечот на правдата зашто сте нанеле неправда, и ви кажувам сега за да знаете дека нема да има изговори утре колку и тоа да е болно за нас. Одговорност мора да има засекого. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите. И тоа мора да го знаат сите функционери сега во Заевата влада, но и самиот Зоран Заев. И тука амнестија не му помога. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ.

Нам ни требаат ПРИНЦИПИ. Јас верувам во принципи. Принципите се правила кои не дефинираат. Кои не разликуваат од другите. И знам дека сите вие мислите дека политиката е непринципиелна работа, а ова ваше мислење е такво зошто влечете искуство од сте претходни 29 години независност. Јас ќе ви кажам дека во политиката има принципи иако политиката до сега во Македонија не беше таква. И ние заедно тие принципи ќе ги донесеме, воведеме и зацвртстиме.

Не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, затоа ќе донесеме закон за испитување на потеклото на имотот на функционерите. Да видиме кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото оди назад кај народот.

Принципите значат и замена на политиката на ниски страсти во политика на дела. Законот за јазици не го прави автопатот кон Блаце, или канализацијата во Арачиново. Прогонот на Заев не ги стави вистинските криминалци зад решетки, еврооптимизмот на власта не ја донесе земјава во ЕУ, зошто за сето ова треба работа. А ЕУ значи принципи, а патот до таму значи работа, напорна работа кон која се обврзувам. И знам дека го одбираме потешкиот, но вистинскиот пат. Зошто вербата во принципи е верба во вредности. Со чист образ пред народот. И не заборавајте ВМРО се роди затоа што веруваше во принципи, во слобода и правда. Тоа е нашиот код, неизбришлива емоција подолга од еден век.

Мора да има ПРОМЕНИ. Промени во секој поглед. Промени на власта, за да дојдеме до промени во економијата, образованието, земјоделието, здравството. Промени во културата, начинот на размислување, промена на сликата за политичарот во Македонија. Денес сите ние се наоѓаме во еден процес во кој само ги броиме штетите од оваа власт, реално шоу каде секое утро одново се вџашуваме од криминалот, декаденцијата, долг серијал од скандали и афери. Потребни се промени за да си заминат последните остатоци од транзицијата. Потребни се и промени на работите кои се згрешија, на решенијата кои ги наметнаа. Реалноста не може да се игнорира, но тоа не значи дека не може да се промени.

И затоа ни треба ПОБЕДА. Победа над сите порази кои ни ги донесе Заев. А поразите се неуспеси. Виткањето кима, трговијата со името, историјата, јазикот да ги замениме со принципи, и победи. Македонија губела, но и победувала, после секој пораз сме биле посилни, помудри, но и посилно сме се кревале. Потребна ние победа поради Горан од Струмица, Марија од Битола, Трајче од Вевчани,  на Бесим од Гостивар, Томе од Куманово, Диме од Охрид кои ги споменав на почетокот. Ќе се бориме за победа поради секоја рака што ја стегнав изминативе три месеци, поради секоја прегратка и искрен збор што го разменив. Победа поради нашите деца и идните генерации.

Мицкоски потенцира дека времето на политикантите помина и дека доаѓаат промените кои ги донесуваат вистински луѓе, кои имаат програма, знаење, конкретни планови и вештини. Мицкоски ги повика разочараните да се охрабрат за да се вратат власта во рацете на народот и вербата во нас самите како народ како држава. Дека не ветува брда и долини Мицкоски илустрира со случајна средба со младо момче кое планира да си одам од државата ако ништо не се промени кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт.

Можев да му кажувам разни ветувања за брда и долини, дека ќе дојде рај, дека ќе дојде живот, дека ќе го вработиме кога ќе дојдеме на власт… но така прават политикантите, тоа едноставно не сум јас. Нема ветувања за кои не сум сигурен дека можам да ги остварам и во тоа ќе се уверите. Но, најважно ми беше да го убедам во принципите во кои верувам, како е сега, односно како не смее да биде, и како треба да биде, објасни Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.