Од нас зависи дали чашата ќе ја гледаме полуполна или полупразна!

Ова беше главната синтагма со која пред и по потпишувањето на Договорот за добрососедство, соработка и пријателство  во 2017 година власта не убедуваше дека конечно решава еден децениски спор со соседна Бугарија, што широко ќе ни ги отвори вратите кон евроатлантските аспирации, Тогаш беа залудни сите предупредувања дека тој е асиметричен и може да создаде повеќе нови проблеми од тие што постојат.

Повеќе од четири години подоцна излезе дека чашата, всушност, е празна! Водата целосно испарила, ако воопшто некогаш и била ставена внатре, анализира „Пресинг ТВ“.

Зашто, ако Договорот беше толку добар, зошто сега од Македонија се бара потпишување нов договор за Договорот, што ќе треба, наводно, да ни обезбеди кревање на бугарското вето и добивање датум за добивање датум за конечно почнување на преговорите за членство во ЕУ?! И таа т.н. „патна карта“ не е како што ја именуваат 5+1, туку 5+1+1! Математиката е егзактна наука. Петте основни барања на Бугарија, плус ставањето на македонските Бугари во Уставот не го даваат конечниот резултат, туку за да се дојде до него одново треба да се додаде почитувањето на „заедничката историја“. Што ќе рече, според досегашните бугарски настојувања, целосно прифаќање само на бугарската историја, без македонизам и постоење на Македонци само од 1944 година.

А, ако се следат последните изјави на премиерот во заминување Зоран Заев, специјалниот владин претставник за надминување на недоразбирањата со Софија, Владо Бучковски и вицепремиерот за евро-интеграции Никола Димитров, математички може да се добие „формулата“- Заев+Бучковски+Димитров=друштво на антимакедонска шашма!

Денеска премиерот во заминување Заев со фејсбук статус ја одбележа годишнината од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески. Со сета почит кон ликот и делото на Конески, дали премиерот, дали неговите советници, во текстот, свесно или несвесно, прави/ат катастрофален превид со неговото поврзување само и со македонската државност.

Тука се спорни најмалку две работи. Прво, Конески е роден 1921 година и неговото врзување со македонизмот остава децениска временска празнина, посебно со Крсте Петков Мисирков. Дали ова значи дека Заев се откажува од Мисирков и македонизмот?

Второ, современата македонска државност е утврдена со документи на АСНОМ и во тие документи е обележано дека официјален јазик во НР Македнија е македонскиот јазик и македонското кирилично писмо. Врз таа основа, пак, е кодифициран и македонскиот јазик. А, кодификација на јазикот не може да има без постоење државност. Епилог-антимакедонска шашма!?

Специјалниот пратеник Бучковски, пак, во интервјуто за агенцијата БГНЕС не само што политички удира под појас, туку со изнесените непрецизности за исклучително чувствителни прашања отвара дилеми. Бучковски меѓу другото ќе рече дека во Македонија предолго траела србизацијата, со ограда дека тоа е термин, што се користи во Бугарија. Да зборуваш за србизација на Македонија, а притоа да не споменеш ни период или временска рамка, ни македонизам, ни Македонци, значи широко да отвориш врати за бугарштината и да се откажеш од историјата. Епилог-антимакедонска шашма!?

Индикативно е што Бучковски не говори за македонската резолуција и црвените линии. Тоа го прави вицепремиерот Никола Димитров. Тој во „Утрински брифинг“ како предност ја споменува резолуцијата, ама не нагласува кои се црвените линии и за што власта има согласност од опозицијата. Ако мисли дека има „карт бланш“ да прифати се што ќе побара Бугарија, тогаш епилогот е-антимакедонска шашма!?, се наведува во анализата на „Пресинг ТВ.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.