Повеќе од извесно е дека аферата со издавање фалсификувани пасоши ќе има тектонски раздвижувања од пошироки размери и во нејзиното расчистување ќе се вклучат и најразвиените и моќни разузнавачки служби, смета поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов.

„Издавањето на пасоши на нарко босови и лица опасни по безбедноста на други држави, ќе се одрази на меѓународниот углед на Македонија, на третманот во НАТО, како и на евроинтеграциските процеси. Подолго време иницирам да поминат низ ‘сито’ сите вработени во МВР и во другите безбедносни служби. Во АНБ тој процес е при крај. Без кадровско прочистување и натаму ќе се загрозува националната безбедност, особено ако во витални сектори во безбедносните служби работат лица без целосни безбедносни проверки согласно со стандардите на НАТО”, потенцира Трајанов во изјава за Дојче веле на македонски.

Безбедносни експерти со кои разговараше ДВ, велат дека комплетните импликации од овој случај ќе бидат познати кога ќе се знае профилот на сите лица што добиле пасоши со туѓ идентитет.

„Во јавноста засега се вртат четири имиња од 215 случаи. Воопшто не го знаеме профилот на другите лица кои добиле патни исправи. На пример, не знаеме дали добивале пасоши и повратници од боиштата на Блискиот Исток. Импликации секако ќе има, но нивната, и поединечна и вкупна закана за безбедноста, може да се одреди кога ќе ги знаеме сите податоци“, вели нашиот соговорник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.