На денешната седница во Собранието на Република Македонија, каде на дневен ред е изборот на новиот заменик министер за здравство, сo реплика на обраќањето на премиерот Заев се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој се осврна на повеќе прашања и проблематични законски решенија кои Владата ги предложи во овој период.

На почетокот дозволете ми што дури ни дадовте можноста да се обратиме со реплики, веројатно Законот за протести со кој што ќе се ограничат граѓаните да го кажуваат својот став, бар во прва фаза нема да биде дел од собраниската активност иако целата тенденција на работење и раководење со Собранието е во таа насока, истакна Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение од својата реплика, пратеникот со иронија му реплицираше на премиерот Заев, во врска со енормно загадениот воздух, но и за наводно големиот стратешки успех кој што Македонија го постигна во изминатиов период.

Исто така би сакал да се заблагодарам што воздухот во оваа сала е чист и не е загаден како надворешниот, па имаме убави услови да поработиме и да подискутираме, за разлика од нашите сограѓани кои што ги немаат тие услови и можности. Воедно дозволете ми да го честитам влезот и остварувањето на стратешката цел на Македонија во големата унија со Албанија и Србија. Веројатно на патот кон таа унија нема да ги користиме новите комбиња за брза помош, туку ќе го користиме стариот мерцедес на Никола Груевски. Исто така, добро е што едно од ветувањата за референдумот за добивање на бесплатно здравство во Унијата ќе биде исполнето, овој пат нема да биде во ЕУ, но ќе биде бар исполнето во унијата со Албанија и Србија, рече Илија Димовски.

На крајот, Димовски уште еднаш иронично потсети дека едно од најголемите ветувања на СДСМ е исполнето и граѓаните уживаат во неговите благодети и предложи за нов заменик министер да биде предложен човекот кој доби голем број на милионски тендери во здравството.

Попатно да потсетам дека исто така едно од најголемите ветувања на оваа влада, за изградба на новиот клинички центар, веќе е реализирано, граѓаните ги имаат можностите да се лечат во новиот клинички центар во Ѓорче Петров, има огромен број на згради и доктори, огромен број на инвестиции во здравството. Би замолил оваа точка да се симне од дневен ред денес и за предлог за заменик-министер за здравство да биде поставено она младо момче од Гази Баба, коe и онака ги добива сите големи милионски тендери во здравството. Мислам дека така ќе биде многу практичнo, многу директнo и многу јаснo, заврши пратеникот Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.