Сега е време за одлучност и сплотеност, да го поддржиме референдумот, вели членот на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски.

Да се избориме…
Да се обединиме…
Да покажеме достоинство и одлучност…
Да поддржиме РЕФЕРЕНДУМ…

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија е документот со кој формално правно се воведе бугарската амбиција за интервенција и менување на македонскиот идентитет и засебност преку менување и интервенција во нашата историска наука, образование, одбележување на историска настани и личности, културна дејност и творештво, продукција, уметност, споменични постановки, документарна и архивистичка работа.

Прифаќањето на таквиот договор од страна на Република Македонија даде формално право на Бугарија и во билатералните и во мултилатералните односи да бара спроведување на обврските што оваа Влада и мнозинството во Собранието ги прифатија во име да целата држава, а се во спротивност со желбата и вољата на огромното мнозинство на македонскиот народ и македонските граѓани.

За да прекине нашата формална обврска (и билатерална и мултилатерална) како држава да спроведуваме договор кој е штетен за нас, мора тоа и формално да го заокружиме како процес.
Во услови кога имаме Собрание во кое не се носат закони и одлуки по воља на граѓаните и во услови кога имаме Уставен суд кој практично не функционира по словото на Уставот единствен правен формат со кој може да се стави надвор од употреба, да се напушти важноста, да се стави вон сила или да се укине Договорот со Бугарија е РЕФЕРЕНДУМ.

Успешноста на ваквиот РЕФЕРЕНДУМ ќе значи достоинствена позиција на Република Македонија и во односите со Бугарија, но и во односите со Европската Унија.

Република Македонија после успешен РЕФЕРЕНДУМ по ова прашање нема да има никакви обврски од тој штетен договор.

Република Бугарија ќе биде нервозна и ќе сака и понатаму да не притиска (исто како и до сега), но Европската Унија нема да има ниту воља, ниту правна можност да бара од земја кандидат за членство обврски за кои на демократски начин граѓаните се произнесле и ги одбиле.
После успешен РЕФЕРЕНДУМ, Република Македонија и понатаму ќе се движи (тешко како и до сега) кон членство во ЕУ, но тој пат нема да е оптеретен со барањата за наше откажување од самобитноста и засебност на македонскиот народ и јазик.
Да ги оставиме зад нас сите поделби и недоразбирања, да покажеме како народ, како граѓани дека на демократски начин можеме и сакаме да се избориме за нашите права и дома и пред светот.
Време за политика, кавги, натпревар ќе има, сега е време за одлучност и сплотеност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.