Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ е избран за шеф на Републичкиот изборен штаб на претстојните предвремени парламентарни избори, одлучи Извршниот комитет на ВМРО ДМПНЕ.

Извршниот комитет го задолжи Јанушев до следната седница да предложи состав на Републичкиот изборен штаб.

На состанокот на ИК се анализираше и досегашниот тек на акцијата „Обнова на Македонија“ и проблемите со кои се соочуваат илјадници граѓани кои пристапија и побараа решение. Беше констатирано дека граѓаните не сакаат лаги и измами како ветувањата на Зоран Заев, туку инвентивна, реална, остварлива програма која што ќе го подобри нивниот стандард и ќе ги врати вистинските вредности во Македонија. Околу актуелната политичко-економска состојба беа нотирани низа сомнителни однесувања на власта во заминување кои ќе треба да бидат истражени откако Зоран Заев ќе биде поразен и законите ќе важат подеднакво за сите, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека насилничкото однесување на власта, непочитувањето на законите и расипничкото трошење на народните пари се јасен показател дека СДСМ и Заев заминуваат. Секој обид да се узурпира волјата на граѓаните кои се цврсто определено да го казнат Заев, ќе повлече одговорност.

ИК констатираше дека власта три години не направи ништо за аерозагадувањето, кое е повисоко од кога било. Скопје и други градови низ државата се на врвот на светските листи на најзагадени градови. Дополнително, стана збор и за сите лаги во изминатиов период. Нереализираните ветувања и манипулациите станаа секојдневие. Граѓаните се изморени од лагите и безнадежноста, затоа на 12 април следат промени. По 12 април почнува обновата на Македонија со ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.