Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, членот на ИК и секретар за меѓународна соработка Влатко Ѓорчев, меѓународниот секретар Тимчо Муцунски и претседателката на комисијата за надворешни работи Христина Рунчева-Тасев присуствувм на дводневниот самит на Европската народна партија (ЕПП) кој денеска и утре се одржува во Загреб, Хрватска.

Во рамки на Самитот, делегацијата предводена од Мицкоски оствари повеќе билатерални средби со европски лидери чии партии се дел од ЕПП, меѓу кои и со претседателот на Европската совет и иден претседател на Европската народна партија, Доналд Туск.

Мицкоки на средбата изразил загриженост за состојбите во Република Македонија, недостигот на правда, зависниот и корумпиран правосуден систем, како и растечката сиромаштија.

Побарав поддршка за Република Македонија на планот на европските интеграции. Туск, како пријател на нашата земја, изрази подготвеност да помогне на патот кон Европската унија и градење на продлабочено партнерство и соработка со ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската народа партија. Идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите потенцијали и пријателства да се одблокира европскиот пат и да се спроведат реформи кои ќе донесат стандарди, подобар живот и обнова која им е потребна на граѓаните, соопшти Мицкоски по средбата.

Во Загреб Мицкоски оствари средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Ги констатиравме одличните односи на двете сестрински партии, ја побарав хрватската поддршка за европските интеграции на Македонија. Очекувам одлична соработка на идната македонска Влада со Владата на Република Хрватска и реформи кои ќе не стават на брза патека кон ЕУ, соопшти Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска се сретна и со Јирки Катајнен, досегашен еврокомесар, потпретседател на Европската комисија за работни места, раст, инвестиции и компетитивност и поранешен премиер на Финска.

На средбата дискутирале за новите технологии и инвестиции на ЕУ и можностите и перспективите за развој на Република Македонија во оваа сфера.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе има и свое обраќање пред европските лидери за време на самитот на ЕПП.

На самитот присуствуваат поголем број на европски лидери како актуелниот претседател на ЕПП Жозеф Дол, претседателот на Европската комисија во заминување, Жан-Клод Јункер, идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.