Од сабота в Прилеп ќе проработи градскиот пазар, а по празниците од вторник и јавниот градски превоз, соопштија од прилепската локална самоуправа.

Како што информира прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, градскиот пазар ќе биде отворен и во саботите од 7 до 15 часот.

-Ќе се применуваат сите протоколи за заштита од коронавирусот, вели Јованоски.

Според Кристијан Илиески, директор на ЈП „Пазари“ пазарот ги заштитува и продавачите и купувачите и многу е битно што има фрекфенција на отворен простор без застој како што е во пилјарите.

-Имаме пет влеза во градскиот пазар, најголемиот пазар во регионот. Се дезинфицира, се делат заштитни маски и најбитно е што е на отворено, а граѓаните не се задржуваат долго на едно место, вели Илиески.

Инаку, на пазарот има богата понуда, а цените според повеќето граѓани се сѐ уште високи, за дел, пак, сметаат дека е очекувано.

-Најбитно е што сѐ зависи од понудата и побарувачката, откупот и транспортот на земјоделските производи, а не од кризата. Сега полека се пушта транспортот па горе-долу се стабилизира ситуацијата, но треба време, вели пазарџијата Слободан Ѓорѓиески.

По продолжениот празничен викенд, од вторник, 26 мај, во Прилеп се воведува јавниот градски превоз. Во функција ќе биде ставена вонредната неделна линија, со запазување на мерките за заштита од коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.