Два месеци откако беше објавен скандалот со родилката од Дебар, Јелдиз Веаповска на која директорот на болницата во Струга, и извадил здрави органи, а во неговиот дом беше пронајдена дива ординација, министерот за здравство Венко Филипче никако да собере храброст барем да го разреши Мухамед Асани од функцијата директор на Општата болница во Струга.

Дали е тоа поради страв да не ја разниша дополнително коалицијата со ДУИ или поради тоа што периодов бил зафатен со набавување вакцини кои никако да ги обезбеди.

Иако министерот за здравство Венко Филипче, во периодот пред парламентарните избори кога реториката помеѓу СДСМ и ДУИ беше заострена, го разреши директорот на ИЈЗ, Арбен Зибери само затоа што на Фејсбук се пофали дека тој лично, како член на Комисијата за заразни болести, издејствувал да се отворат границите за да може дијаспората да гласа, сега кога двете парии се повторно во коалиција, а бројките во Парламентот тесни, Филипче и после два месеци никако да собере храброст да го разреши директорот на струшката болница иако за негово разрешување беше доволно и само тоа што тој во неговиот дом, Државниот здравствен и санитарен инспекторат пронајде дива гинеколошка ординација, без воопшто да се чека за испитувањата за поголемиот скандал кој го направил со органите на родилката.

Уште позагрижувачки е и тоа што од Лекарската комора велат дека не е најден пропуст на д-р Мухамед Асани, а истото го објави и Mинистерството за здравство со што се отвара простор за сомнеж дека целиот случај некој се обидува да го заташка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.