Пет национални телевизии здружени во ММА (Македонска Медиумска Асоцијација) започнаа бојкот на активностите на министрите и на владата. Завчера тие ги спуштија камерите и не ја снимаа прес конференцијата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Во исто време, во вестите на телевизиите со национална фреквенција, веќе три дена не се емитуваат прес конференции на министрите.

На прашањето  зошто има бојкот од страна на националните телевиии и дали станува збор за неисполнето ветување до владиниот портпарол од страна на „Економски Лидер“, новинарите не добија конкретен одговор.

Од добиениот одговор не се споменува ништо конкретно, а можноста беше искористена за да се потсети на тоа што досега Владата го има направено во поглед на спроведените реформи во однос на медиумите, како на пример, укинувањето на радиодифузната такса , надоместок во износ од 0,8% до 1% од Буџетот, за стабилно финансирање на Македонската Радио и Телевизија, Македонската Радио Дифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги АВМУ и друго, пишува порталот.

За конфликтот, денеска избегнаа директни одгоори и вицепремиерот Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски. Обајцата истакнаа дека се надеваат на добра соработка со медиумите, особено во овој предизборен период, а доколку има недоразбирање меѓу нив, тоа треба да се реши преку дијалог и консултации.

Официјално, дали постои бојкот не можеме да кажеме, бидејќи нема таква најава, ниту изјава од страна на медиумите. Доколку постојат одредени недоразбирања помеѓу Владата и медиумите треба да си ги решат во дијалог. Ние ниту сме информирани, ниту пак имаме какви било сознанија дека има недоразбирања меѓу Владата и медиумите за да можеме да реагираме, ниту имаме законска надлежност да бидеме посредници во таквите односи, изјави Трајчевски.

Според Османи, прашање на медиумите е како ќе известуваат и дали ќе присуствуваат на активностите, но потенцира дека Владата се обидува максимално да биде во коректни односи со медиумите и со регулаторот.

Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел, меѓутоа не би сакал како претставник на Владата да се мешам во медиумите да дадат од тоа што го правиме ние како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, меѓутоа нивно е правото како ќе ги претставуваат тие настани. Се надеваме на добра соработка, особено во овој предизборен период, кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука за наредниот мандат, изјави Османи.

„Економски лидер“ неофицијално дознава дека суштината на недоразбирањата лежи во неисполнетото ветување на Владата, околу носењето на законските измени и регулирање на односите меѓу националните телевизии и кабелските оператори. Националните телевизии се чувствуваат разочарани што измените досега седеле во фиока и сега инсистираат тие да бидат донесени пред распуштањето на Парламентот. Со нив меѓу другото се предвидува телевизиите да добиваат надоместок за пренесување на нивната програма од страна на кабелските оператори. Колкав е тој износ се уште не е познато, но очигледно дека се користи и моментот за остварување на профит.

Извор: Економски лидер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.