Три армиски хеликоптери беа искористени вчера за брифингот на новинарите кој се одржа на Криволак, а на кој министерката информираше за мултинационалната вежба „Одлучен удар 21“, дел од големата НАТО вежба во Европа „Defender Europe 21”, која од понеделник ќе се одржува на армискиот полигон.

Од Министерството за одбрана велат дека секогаш обезбедуваат транспорт за новинарте од Скопје до најавените настани на полигонот Криволак, а кога временските услови тоа го дозволуваат, транспортот може да биде со хеликоптери, со оглед на тоа што хелокоптерите мора да имаат одреден број часови на налет без оглед дали летаат празни или полни и тоа не претставува дополнителен трошок на буџетот на Министерството.

Овој пат на предлог на Генералштабот, по проценка дека летот на хеликоптерите влеува во потребниот број часови на налет кои о редовните тренинзи мора да бидат исполнети, и поради високиот интерес на новинарите за брифингот, транспортот беше со хеликоптери на Армијата, со што не е направен апсолутно никаков вонреден трошок. Летовите се изведени со три хеликоптери со половина пополнет број на места, за а се запазат мерките за заштита од КОВИД. Во хелокоптерот со министерката беа вкупно 7 лица меѓу началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, командантот на Командата за оперции, генералот Павле Арсоски, одбранбеното аташе на САД, Питер Рауел и уште тројца припадници на Армијата, велат од Министерството за „Република“.

Ова доаѓа само еден месец откако јавноста  бурно реагираше на развозувањето на премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче од Скопје до Прилеп, кога се критикуваше дека квотата на летови на македонските хеликоптери се пополнува за пи-ар потребите на власта.

За тој скандал да биде поголем придонесе и правдањето на математичарот Заев, кој пресмета дека го кошталот поевтино да лета со хеликоптер отколку две возила да го следат, за на крај да се покаже дека возила од Скопје сепак дошле до Прилеп за потоа да го пренесат неговиот другар моторџија, министерот Филипче, од Прилеп до Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.