Вчера на терминалот Гевгелија подолго време биле заглавени 14 камиони. Откако влегле во Македонија и било потврдено дека носат РДФ отпад, што од неодамна е забранет за увоз во земјава, тие биле вратени.

Од Царинската управа ги потврдуваат овие информации и додаваат дека камионите останале на терминалот сѐ додека не извадиле дозволи за транзит и влез во Грција.

Камионите се вратени и од Царинската управа не им беше дозволен ни влез ни транзит низ Македонија“, велат во одговорот на прашањето на МКД.мк.

Откако камионите биле вратени, познавачите за МКД.мк коментираат дека сега тие 14 камиони ќе отидат до пристаништето во Солун, товарот ќе се префрлел во контејнери, и со сменети фактури РДФ-отпадот ќе тргнел пак кон Скопје. Се претпоставува дека товарот на овие 14 камиони бил од Италија.

За тоа кој бил увозникот и за која компанија бил наменет овој отпад сѐ уште чекаме одговор од Царинската управа.

РДФ отпад (Refuse derived fuel) е гориво произведено од раздробени отпадоци од гума, текстил, кожа, пластика, хартија…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.