Која била улогата на владиниот генерален секретар, Драги Рашковски во тендерот за набавка на радарска опрема во М НАВ? Дали во целиот случај има малверзации или законски неправилности? Одговор на овие прашања антикорупционерите се уште не даваат, иако минаа веќе два месеци откако ја добија целосната документација од македонската навигација.

Според зборовите на претседателката на ДКСК, за разрешување на овој случај ќе требало да се почека уште некое време, неприцизирајќи точен период. Антикорупциска го отвори случајот Рашковски откако неговиот глас се слушна во аудио материјал објавен во медиумите, од состанок во Владата со италијанската компанија Леонардо, на која што се говори за тендер вреден 7 милиони евра.

За Рашковски малку подолго ќе трае таа обработка, затоа што е пообемен предмет и бара малку повеќе ресурси, изјави претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.

На дневен ред на денешната седница на Антикорупциска беа и привилегиите кои ги уживаат поранешните претседатели на Македонија, па ќе биде предложено да дојде до ревидирање на буџетските расходи за оваа ставка. Како што кажа првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, екс шефовите на нашата држава, уживаат најголеми привилегии во однос на речиси сите нивни колеги од регионот.

(Извор – ТВ Алфа)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.