Иако погледите се вперени кон францускиот претседател Емануел Макрон, кој е против датум за преговори за Македонија и Албанија, односно против проширувањето на ЕУ, неговото мислење го дели и германската канцеларка Алгела Меркел. Барем така може да се протолкува изјавата на германската канцеларка по средбата со францускиот колега.

Меркел го поддржа Макрон во барањето процесот за пристапување да биде реформиран, транспарентен и да има реверзибилност доколку преговорите не одат толку добро.

Ние во Бундестагот, односно германскиот парламент кој одлучува за ова, рековме дека гледаме оти преговорите за пристапување би можеле да почнат доколку, значи постои условеност, одредени нешта бидат спроведени. Тоа мора да се случи за да бидат отворени првите поглавја и на тој пат можеби има уште неколку различни нијанси, но до утре ќе разговараме повторно околу тоа колку ќе успееме да дојдеме до заедничка позиција. Се што се носи како одлука во Европскиот совет мора да биде едногласно и затоа сме обврзани и тоа често ни успевало, да развиеме заедничка позиција и не само меѓу Германија и Франција, туку и меѓу останатите земји-членки на Унијата, рече таа.

Германската канцеларка Ангела Меркел остава простор за договор околу определувањето пристапни преговори со Македонија и Албанија. Меркел нагласи дека меѓу Германија и Франција нема разлики во однос на фактот дека земјите од Западен Балкан имаат перспектива за членство во ЕУ и дека остануваат само неколку „различни нијанси“. Двете страни сакаат до утре да размислуваат како да најдат заедничка позиција на самитот на ЕУ.

Тие ќе треба да бидат прифатливи и за другите ЕУ-членки, рече канцеларката Меркел.

На заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел, Емануел Макрон изјави дека двете земји направиле значителен напредок во домашните реформи, но тоа, засега, не е доволно.

Го делам мислењето на Меркел дека регионот има стратешко значење, сакам на лидерите од овие земји да им испратам позитивен сигнал, но поради лошото искуство сега ние сме тие на кои им треба повеќе време, изјави Макрон на заедничката прес-конфернеција со германската канцеларка Ангела Меркел.

 

Според Макрон, процесите на преговори и отворење на пристапните поглавја се застарени и иреверзибилни. Макрон праша како тој да им објасни на неговите граѓани кое е оправдувањето што Македонија и Албанија добиле датум.

Албанија е земјата од која ни доаѓаат најголем број на баратели на азил. Илјадници. И сега кажете ми како да им објаснам на моите граѓани како работите станале одеднаш розови во Албанија и започнала преговори за членство, праша Макрон.

Тој додаде дека засега останува негативниот став за почеток на преговори со Македонија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.