Градоначалникот Димитриевски, заедно со дел од своите сограѓани пеејќи ја македонската химна маршираше држејќи плакат на кој беа фотографии од партизани и пишуваше „Загинаа за наше Куманово. Загинаа за наша Македонија“

Граѓанското здружение „За наше Куманово“, предводено од градоначалникот Максим Димитриевски, вечерва, се придружи на протестите против француската предлог-преговарачка рамка за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Градоначалникот Димитриевски, заедно со дел од своите сограѓани пеејќи ја македонската химна маршираше држејќи плакат на кој беа фотографии од партизани и пишуваше „Загинаа за наше Куманово. Загинаа за наша Македонија“.

Претходно, во текот на денот, Димитриевски одржа прес конференција на која рече дека е време да се разбуди партизанското во народот и дека е време да се потсетиме кои сме и од кого потекнуваме.

„Време е да се потсетиме и на Карпош, на Шабани, на Димче Еребица и на многу други наши истакнати борци коишто својот живот го дадоа за Македонија да имаме држава, народ, среќни граѓани кои заедно живеат во
хармонија. Време е да се потсетиме на нашите корени“,

рече Димитриевски.

Тој упати порака до власта од кумановчани дека треба да се заштити тоа што е наше.

„Да го заштитиме тоа што е наше и да упатиме порака кон оваа власт којашто е одамна однародена, да упатиме порака како кумановчани кои водат потекло од луѓе револуционери коишто животот го имаат дадено за нашата држава и нашите народи. Македонија никогаш не била и нема да дозволиме да биде на продажба“,

додаде Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.