И Бојан Јовановски – Боки 13, менаџер на 1ТВ, вечерва оди во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи судија на претходна постапка му одреди мерка притвор од 30 дена. Откако судот му одреди притвор на Зоран Милески Кичеец, истата одлука ја донесе и за Боки 13.

Обвинителството за организиран криминал и корупција ги сомничи Јовановски и Милевски дека рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага на СЈО. Првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.

„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.

Првоосомничениот, како што објасни Рускоска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“, или со други зборови, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката.

Дел од медиумите излегоа со тврдење дека се работи за обвинителката Катица Јанева. Вечерва полицијата по налог на Обвинителството и го одзеде телефонот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.