Да се повлече од наставата учебникот „Географија на Република Македонија за втора година – реформирана гимназија“, бара Алијансата за Албанците во писмен допис упатен до министерката за образование Мила Царовска.

Во писмото, потпишано од Омдер Ајдини, претседател на Младинскиот форум на АА се наведува дека елементите во книгата, освен што се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците во Република Македонија, се и ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза кон Албанците.

Затоа, вашето министерство треба да се дистанцира од овие материјали и оваа книга треба да се повлече што побрзо, се наведува во дописот од АА до Царовска.

Од партијата се повикуваат на член 26 од Закон за учебници за основно и средно образование, според кој: „Учебник се повлекува од употреба доколку содржи материја со која се навредува историјата, културата и другите вредности на граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, а кои се дел од албанскиот народ, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот народ и другите.“

Од АА посочуваат и неколку цитати од учебници што, според нив, се навредливи за Албанците во Македонија:

• На страница 99 е наведено дека „Меѓу Албанците во Македонија има родови кои себе се сметаат за староседелци, главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примиле исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и по некој род кој потекнува од некогашните Турци или Черкези.“

•На страница 99, Албанците се претставени како опасност за државата каде што е наведено дека „Населувањето на нови Албанци во Република Македонија не е завршен процес, и тој се одвива и денес – почетокот на XXI век. Ваквото, на моменти неконтролирано, населување може на најразлични начини да им наштети на сите во Република Македонија.“

•На страница 104, е наведено дека „ населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, планирано, со помош на турската власт или локалните аги и бегови, кои го дозволуваа доселувањето на албанско-муслиманското население. А ова ни кажуваат бројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање – тепање, опожарување и слично.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.