Министерството за внатрешни работи испрати извештаи за неспроведување на анти-ковид мерките за автобусот кој ја предизвика трагедијата во Бугарија. Во тие извештаи се евидентирани регистарски таблички кои не постојат, откри синоќа во „Клик Плус“ директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини.

На новинарско прашање: Дали автобусот е нерегистриран?, Хусеини изјави дека автобусот ја поминал границата над 130 пати.

Јас добив 58 извештаи од Министерството за внатрешни работи од „Деве Баир“ и сите регистарски таблички на возилата се регистрирани. И јас ја имам оваа регистарска табличка. Но, тоа не е тој автобус. Табличката на овој автобус не постои – изјави Хусеини.

Тој е зачуден како Царинската управа дозволила автобусот на „Беса Транс“ да ја помине границата без лиценца.

Хусеини вели дека царината има законска обврска да го извести Инспекторатот ако некој автобус не поседува лиценца, додавајќи дека царинарниците не смееле да му дозволат да излезе од државата.

Јас не сум одговорен за ова што се зборува дека ја поминал границата 130 пати и што не е регистриран никаде. И јас се чудам. Јас не добив никакво известување од Царинската управа дека автобус на Х (икс) компанија ја поминал границата без извод од лиценца и покрај тоа што имаат законска обврска да ме известат и да не дозволат автобусот да ја помине границата. Едно нешто е јасно – ако нема извод, не смее да ја помине границата – истакна Хусеини.

Во однос на овие две прашања, ТВ21 побара одговор и од МВР и од Царинската управа, но до емитувањето на информативниот магазин не добиле одговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.