И хрватскиот портал „Отворено“ објави за скандалозното однесување на директорот на Агенцијата за Филм на Македонија Горјан Тозија, кој во серија коментари објавени на Фејсбук упати жолчни навреди кон Хрватска, хрватскиот народ и актуелната Влада. Тозија се нафрли на хрватскиот новинар Иван Бродиќ, кој објави текст за скандалозното објавување на марка со мапата на Голема Хрватска од страна на Македонската Пошта.

Уа, усташки гадови, ХДЗ и почитувачи на Анте Павелиќ. ХДЗ сака дас е одбрани од своето усташтво и прифаќањето на паролата „за дом спремни“. Усташите напаѓаат против Владата на РСМ. Тоа е таа екипа, Орбан и Пленковиќ. Тоа е клуб на криминалци, се само некои од коментарите кои Тозија ги упати на сметка на Хрватска, нарекувајќи ја фашистичка земја, а нејзината владеачка партија ХДЗ поистоветувајќи ја со НДХ на Анте Павелиќ.

Отворено пишува дека Тозија е македонски државен функционер кој и Владата и партијата ХДЗ ги прогласува за усташи и фашисти и опишува како информацијата за скандалот дошла до највисоките македонски и хрватски власти од кои се чека одговор.

Тозија одговори дека причината за судирот не се неговите коментари, туку тоа што го запрел проектот за снимање на историска серија за Македонија во соработка со хрватски Јадран филм. Тозија воедно ги отфрли критиките упатени кон него и инсистира дека има право да говори слободно.

Кои се тие Македонци во Хрватска на кои им пречи слободата на говор, односно моите лични ставови кон одредена политичка идеологија? Правото на демократски и критички однос кон се што сметам дека е аномалија во која било земја во светот, не ми е одземено со тоа што раководам со Агенцијата за филм. Напротив, сметам дека одговорност и обрска е на секој поединец да реагира кога ќе забележи неправда, одговори Тозија.

Бродиќ го отфрла обидот на Тозија да ги поврзе неговите забелешки за Македонија и за скандалозните изјави на Тозија со спорот со Јадран Филм.

Господинот Тозија е државен функционер на Република (северна) Македонија, и од таа позиција напиша дека Анте Павелиќ бил претседател на ХДЗ, дека Андреј Пленковиќ кој е легално и демократски избран за премиер на Хрватска е фашист и криминалец и дека ХДЗ е фашистичка партија. За тоа морав да ги информирам канцелариите на претседателите Милановиќ и Пендаровски, владите, министерствата за надворешни работи, ХДЗ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, а чувствува за потребно да ја информирам и Фондацијата отворено општество, пишува Бродиќ.

Тој негира било каква лична поврзаност со Јадран Филм и нејзинот директор Винко Грубишиќ, со кои Тозија е во отворен конфликт. Бродиќ посочува на бројните скандали со кои е поврзан Тозија во Хрватска, како тоа дека Тозија беше јавно обвинет дека продал стан во Загреб на повеќе купувачи.

По бурата која се крена во хрватските медиуми, господинот Тозија се обиде да ги демантира написите, дека води војна со Хрватска, но притоа ништо не демантираше, туку вели дека имал право за Пленковиќ и ХДЗ да вели дека се фашисти и криминалци и дека тоа е негово мислење. Бидејќи до неговата смена од државната агенција во Македонија се уште не дојде, може да се заклучи дека македонските власти се согласуваат со овие ставови. Овие навреди се упатени кон политичар (Пленковиќ) кој лично се ангажираше (Северна) Македонија да добие датум за отворање на преговори со ЕУ, и кој е особено наклонет кон Зоран Заев, иако не ја делат истата идеологија, потсетува Бродиќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.