Во болниците во Македонија се хоспитализирани 700 пациенти поради компликации од Ковид-19.

Најголем број на пациенти се во болниците во Тетово, каде има 110 пациенти, 90 пациенти во болницата во Гостивар, околу 35-36 пациенти во болницата во Струга, 40-тина пациенти во болницата во Кичево. И тоа се болници во кои со директорите сме во континуирана комуникација, а со цел за секој пациент на којшто му е потребна хоспитализација, тој се транспортира до Скопје. Тука е отворена Болницата за рехабилитација во Козле којашто е целосно опремена, снабдена со централен довод на кислород. Тука, за време на викендот има сместено околу 25 пациенти од вкупно 110 кревети коишто се на располагање – изјави Министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информира дека за пациентите од Кичево и од Струга на располагање се болниците во Прилеп и во Битола, а за Гостивар и Тетово болничките центри во Скопје.

Ние имавме утрово координативен состанок со директорите на сите клиники, пред се интерните од Клиничкиот центар, со цел да спремиме и дополнителни капацитети на интерните клиники, по примерот како што беше претходно. Се надевам дека до тоа нема да дојде, меѓутоа мораме да сме за тоа спремни и тоа го направивме заедно со припрема и списоците на тимовите на лекари и сестри коишто од сите клиники се веќе на располагање ако има потреба да се активираат други Ковид-центри – вели Филипче.

Според него, неделава се прават анализи за да може да се направи некаква претпоставка како ќе се одвива овој бран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.