Прашањето повеќе не е дали  Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и дотогаш Холандија ќе продолжи критички да ги следи неопходните реформи, вели амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК. Но, вели тој, овој процес не ја става Македонија во неправична позиција, туку, напротив, тоа би требало да ја стимулира државата да ги преземе следните неопходни чекори на патот кој го избрала.

За сеприсутната корупција кај нас, тој вели дека е состојба на умот, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца.

СДК: Впечатокот на македонските граѓани за Холандија е дека е земја партнер која ја поддржува Македонија од првиот ден на нејзината независност, и не само политички туку и финансиски. Холандија се смета за модел на кој треба да се угледуваме кога станува збор за човековите права, без оглед на тоа дали се работи за малцински права во однос на етничкото потекло, попреченост, полова еднаквост, права на припадниците на ЛГБТИ заедницата…
Зошто Холандија молчи сега, кога бугарското вето за почеток на преговорите за членство на Македонија се заснова на деградација на овие основни човекови права и негирање на овие фундаментални вредности на ЕУ?

Очигледно се работи за краткотрајна меморија. Во март 2020 година, Македонија не само што стана членка на НАТО, туку доби и зелено светло од ЕУ за да стане нејзина полноправна членка. Двете работи се случија со целосна поддршка од страна на Холандија. Иако она што требаше да биде свечен момент беше во голема мера засенето од ситуацијата со корона вирусот, прашањето повеќе не е ДАЛИ Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку КОГА тоа ќе се случи.

И покрај многуте итни прашања како што се коронавирусот, Брегзитот, масовната имиграција и слично, од март наваму Европската комисија, заедно со земјите членки, ја подготви преговарачката рамка за Македонија. Холандија даде целосна поддршка за овој документ и заедно со останатите земји членки се согласи за почеток на преговорите; сите земји членки, освен една, Бугарија. Бугарија сакаше во преговарачката рамка да се додадат прашања од билатерална природа, на кои, според останатите земји членки, таму не им е местото. Бугарија во ова е сама. Исто така, треба да се запомни дека многу други држави мораа да решат тешки билатерални прашања пред да станат членки на ЕУ. Во меѓувреме, сето ова не треба да се драматизира на начин на кој се чини дека се прави во моментов. Поминувањето низ 35-те преговарачки поглавја со ЕУ во наредните години значи дека на патот пред вас има многу семафори и на секој од нив треба да се запали зеленото светло. Понекогаш, чекате подолго отколку што сте очекувале. Сепак, за повеќето семафори Македонија најверојатно ќе забележи дека, имајќи го предвид напредокот кој државата веќе го има постигнато, зеленото светло ќе светне порано од очекуваното. Мојата порака би била да не се придава премногу значење на секој поединечен семафор, туку да се продолжи со реформите. Крајната цел не е да се помине бугарскиот застој на овој семафор, туку членството во ЕУ на крајот на патот.

СДК: Холандија инсистира на борба против корупцијата а со оваа борба се занимаваат повеќе институции, но не може да се забележи значајна разлика во секојдневниот живот на граѓаните. Која е вашата порака до институциите и до граѓаните во однос на очекуваната патека за борба против корупцијата?

Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност.

Она што е потребно се секако јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот за корупција и кронизам при јавните вработувања кои се усвоија како дел од проект финансиран од Холандија, а кои сега треба да ги спроведат министрите Шаќири и Николовски. Судскиот совет исто така се подготвува да воведе нов систем за оценување на судиите со помош на Холандија. Истото е потребно и за обвинителите. Овие правила ќе помогнат да се врати довербата на луѓето во нивните институции. Политичките лидери мора да водат со својот пример во овој поглед. И само преку повторно воспоставената доверба ќе може да започне да се менува менталитетот.

Возможно е. Погледнете ги поранешните советски републики како што се земјите од Балтикот и Грузија. Има многу примери. Во Македонија е позитивно тоа што буџетот на Државната комисија за спречување на корупција е зголемен за 60%. Тоа, и назначувањето на заменик премиер за борба со корупцијата ми влева доверба дека може да се воспостави пракса на процесирање на случаи на корупција на високо ниво. Останува клучно да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и рамноправна застапеност. Разбирам дека ќе биде потребно време за оваа промена во психологијата и менталитетот, но претпоставувам дека на луѓето им е смачено од сите тие подароци за учителите и шишињата виски за докторите.

Целото интервју на СДК.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.