Германскиот новинар Михаел Мартенс, во статија за весникoт „Катимерини“, открива дека во 1939 година Адолф Хитлер му понудил на Кралството Југославија да го добие Солун во замена за приклучување кон тројниот пакт.

Според документи од германските архиви до кои дошол Мартенс, посредник во преговорите бил новинарот Данило Грегориќ, кој бил близок до југословенскиот регент, принцот Павле, и премиерот Драгиша Цветековиќ.

Во средби со германски дипломати во Белград, а потоа и во Берлин, во 1940 година, Грегориќ пренел пораки од Цветковиќ дека Југославија би можела да се откаже од своето пријателство со Британија и да ја напушти политиката на неутралност, доколку Германија биде подготвена да и го отстапи Солун по очекуваното освојување на Грција.

Прашањето добило на интензитет во 1940 година, кога Италија почнува војна против Грција.

Југословенските кругови сериозно размислуваат за можноста да го освојат Солун по колапсот на Грција. Излегувањето на Југославија на Егејот може да биде основа за преговори, јавил Виктор фон Херен, германскиот амбасадор во Белград, во порака до Министерството за надворешни работи.

Германските власти го разгледале прашањето, вклучително и етничкиот состав на населението во и околу Солун.

Анектирањето на Солун кон Југославија интензивно се разгледува во Белград. Во врска со ова прашање, експертите за Југославија посочуваат дека населението кое живее меѓу Солун и сегашната југословенска граница е од словенско потекло, му се врши еленизација. Ќе биде потребно само кусо време за словенските елементи да излезат на површина, оценила германската амбасада во Белград, додавајќи дека, сепак, Хрватите може да се против овој чекор бидејќи со него дополнително би се засилила позицијата на Србија во кралството, бидејќи Солун би бил под нејзина контрола.

Германскиот офицер Ернст фон Вајцекер, татко на идниот германски претседател Карл фон Вајцекер, подготвил белешка за планираното препуштање на Солун на Југославија, оценувајќи дека процесот би се одвивал паралелно со предавањето на деловите на Грција од Струма до Еврос на Бугарија, со што и Бугарите би добиле излез на Егејот. Бугарскиот амбасадор во Берлин Парван Драганов, пишува Мартенс, исто така доставил барање до германските власти за Солун, или во најмала рака градот да не и се даде на Југославија веднаш по очекуваниот пад на Грција.
Прашањето конечно дошло до највисоко ниво – меѓу Хитлер и принцот Павле, кој изразил резерви за приклучувањето на Тројниот пакт и посочил дека југословенското кралско семејство има симпатии кон Англија, но дека сепак сака да го добие Солун.

Понудата, во име на Хитлер, до Белград ја потврдува лично неговиот министер за надворешни работи Јоаким фон Рибентроп. Договорот Југославија да се приклучи кон Тројниот пакт е склучен на 25 март 1941 година, но ова предизвикува државен удар во кралството, координиран со Лондон, при што принцот Павле е отстранет како регент, а кралот Петар Втори е прогласен за полнолетен владетел. Две недели подоцна Германија ја окупира Југославија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.