Според првичните информации од Изборниот штаб на дебарскиот огранок на ДУИ, кандидатот на оваа партија, Хекуран Дука е новиот градоначалнк на Дебар.

Тој на денешните избори освоил над 400 гласови повеќе, наспроти неговиот против кандидат Арбен Аголи, од Алијансата за Албанците.

Дука се заблагодари на дадената доверба и вети дека ќе биде градоначалник на сите граѓани независно од етничка, верска или партиска припадност, онака како што не правел разлика во давањето лекарска услуга.

– Мојата канцеларија ќе биде отворена за секого, независно дали гласал или не за мене. Ние сме сите дебарчани и сите му посакуваме добро на нашиот град и општина. Ветувам дека максимално ќе се заложам да ги реализирам сите мои ветувања,со цел да ја намалиме миграцијата на младите и да го претвориме Дебар во европски град. Од срце ви благодарам на сите, рече Дука.

Д-р Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница во Дебар од 1994 година.

На последните локални избори, во 2017 година, беше дел од кандидатската листа на ДУИ и беше избран за советник во Советот на општината.

Тој е вршител на должноста градоначалник на Дебар.

Во Дебар се спроведоа предвремени локални избори за градоначалник, поради смртта на Ружди Љата, кој по кусо и тешко боледување почина на крајот од ноември минатата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.