Премиерот Зоран Заев во телефонски разговор го информирал европскиот комесар за преговори, добрососедство и проширување, Јоханес Хан, за напорите и мерките што Владата активно и интензивно ги презема за борба против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи го и случајот „Рекет“, соопшти владината прес-служба.

Заев, како што стои во соопштението, ја потврдил цврстата одлучност на Владата за целосно и неселективно расчистување на сите случаи на висока корупција, уверувајќи го комесарот Хан дека се создадени услови за институциите од судството и обвинителството активно и непречено да се борат против криминалот и корупцијата.

Заев и Хан се согласиле дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, но и без одлагање да ги процесуираат предметите што произлегуваат од незаконското прислушување од минатото.

Заев и Хан, исто така заклучија дека мора да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на Законот за јавно обвинителство во Собранието на Република Македонија, како и дека заедничка цел на сите политички фактори треба да биде позитивна одлука за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија во октомври оваа година”, се додава во соопштението.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.