Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан повторно остро го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални.

Хан во интервју за австриската агенција АПА вели дека по негативната одлука на лидерите на ЕУ се отвора прашањето дали станува збор за трајно вето од Франција за проширувањето.

Искрено кажано по одлуката на Советот на ЕУ, ние сме беспомошни. Сепак, треба да се има предвид дека 25 земји се изјаснија за отворање на преговорите, истакнува Хан, упатувајќи критика за принципот за едногласно носење одлуки во Советот на ЕУ, кој според него досега повеќепати се покажа како неефикасен.

Хан вели дека францускиот претседател Емануел Макрон бара ЕУ претходно да спроведе внатрешни реформи што е поддржано и од некои други членки. Но, тоа според еврокомесарот, може да се одвива и паралелно со процесот на пристапување на државите кандидати.

И едното и другото ќе траат со години и ако ја следиме линијата на Макрон и би се одело едно по друго тоа во пракса би значело дека перспективата за членство во ЕУ може да стане реалност дури по 30 години. А, тоа не би била никаква перспектива ниту поттик за реформите, смета Хан.

Еврокомесарот за проширување оценува дека очигледно Франција во моментов не сака никакво проширување на ЕУ, а најавите дека ова прашање повторно ќе се разгледува за време на хрватското претседавање е „бесконечна приказна“.

Можеш еднаш да одложиш и тогаш може да има аргументи. Може дури и вторпат да се одложи како што беше примерот со роковите во германскиот Бундестаг во јуни. Но, искрено кажано сега веќе нема никакви аргументи и довербата во ЕУ по ова прашање е екстремно нарушена, истакнува Хан.

Тој упатува порака до официјален Париз дека приемот на нови земји членки не е ревизибилен процес посочувајќи на Копенхашките критериуми. Постои можност преговорите да бидат прекинати, ако се утврди назадување на земјата кандидат.

Хан исто така предупредува дека негативната одлука на европските лидери носи ризик од нестабилност во двете земји и во целиот Западен Балкан. Најавените предвремени избори во Македонија, според него, покажуваат колку е чувствителна внатрешно-политичката ситуација во државите од регионот. Тоа ќе има влијание и врз иднината на дијалогот меѓу Србија и Косово, како и врз реформите во Босна и Херцеговина кои ќе ја изгубат мотивацијата по одлуката на ЕУ да не отвори преговори со Скопје и Тирана, смета еврокомесраот за проширување Јоханес Хан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.