Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан утре доаѓа во Скопје на средби со државниот врв и со лидери на политички партии.
Хан ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според официјалната агенда, ќе се разговара за реформите поврзани со евроинтеграцијата на земјата и очекувањата наесен да биде одрен датум за почеток на пристапните преговори. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.

Предвидено е премиерот Заев и еврокомесарот Хан по средбата да одржат и заедничка прес-конференција во Клубот на пратениците. Ден подоцна во посета на земјава треба да пристигне и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Тој доаѓа во Скопје од Атина каде што имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, како и со поранешниот премиер Алексис Ципрас.

Во Скопје, според најавата од Стејт департментот, Филип Рикер ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Македонија кон членство во НАТО и ЕУ. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, ќе разговара и со пратеници и со претставници на опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.